Возилото што го користел Груби не е ни прво ни последно што недозволено има флешери, вели Спасовски

„Во возилото кое беше опожарено пред домот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, имало поставени светлосни сигнализации и тоа не е ниту прво, ниту пак последно возило во кое недозволено има таква сигнализација“, потврди денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Сите факти се доставени до Јавното обвинителство и сѐ што ќе се утврди за овој случај ќе се процесуира понатаму“, рече Спасовски во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Тој нагласи дека МВР веќе има отворено оперативна акција за контрола на звучни и светлосни сигнализации и за затемнување на прозорци за оние кои немаат право на тоа, која трае веќе неколку години.

„Факт е дека најголемите мангупи во сообраќајот се токму носителите на функции не бирајќи ни политички партии нити функции ниту, пак, било што друго. Првите флешери ќе ги видите ако влезете во Белата палата, но постојат и во другите политички партии. Апелирам сите заедно како политичари да бидеме пример за луѓето и пример за одговорност“, рече Спасовски.

Посочи дека на сите министри во Владата им е укажано кој има право да користи светлосни и звучни сигнализации и додаде дека тоа може да го користат само тие кои се обезбедуваат и се во придружба со полиција.

„Ниту еден друг не смее да има вакви светлосни и звучни сигнализации во своите возила“, нагласи Спасовски.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, посочи дека обвинителството уште истиот ден излезе на увид и ги фиксира трагите кај опожарениот автомобил и додаде дека детално и целосно ги испитува случувањата во врска со овој настан.

„Сите околности и факти се документираат и анализираат и доколку се утврдат елементи на кривично дело Обвинителството ќе преземе сите соодветни мерки, рече Јовески во одговор на пратеничко прашање.

Појасни дека истрага се покренува против конкретно лице.

„Кога ќе бидат собрани доволно податоци во однос на кривичното дело и во однос на евентуален сторител на кривично дело, тогаш Обвинителството ќе отвори соодветна истрага. Не само во врска со опожареното возило, туку Обвинителството собира податоци во овој случај и во делот на купувањето на хотелот“, рече Јовески.

„Истрагата не се спроведува во првиот момент, туку за таа да се спроведе неопходно е да се утврдат докази, елементи на сторено кривично дело и да се утврди сторителот“, додаде тој.

Извор: МИА

- Реклама -