Спасовски: Власта треба да каже дали продолжуваме кон ЕУ или имаме друга алтернатива

„Се согласувам дека треба да изградиме заеднички став. Но, да го видиме планот на Владата и врз основа на тоа да излеземе со заеднички став за да нема кој друг да нѐ уценува и да ни диктира“, вели пратеникот на СДСМ

Факт е дека имаме застој во евроинтеграцискиот процес, а за СДСМ тоа не е неочекувано. Но, на јавноста треба да ѝ се покаже планот на Владата, како ќе се смени Преговарачката рамка и како ќе ги продолжиме европските интеграции. Ова вечерва го изјави претеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5, посочувајќи дека врз основа на планот на Владата за тоа како ќе се трасира патот кон ЕУ треба да се изгради заеднички став по ова прашање.

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување во ТВ Канал 5 / Фото: Принтскрин

„Го очекуваме планот на власта. Како ќе се смени Преговарачката рамка? Како ќе се обезбеди подобра позиција: Јас го кажувам тоа што го соопштија од ВМРО-ДПМНЕ. Ветија дека ќе обезбедат поповолна Преговарачка рамка. Сега е моментот што ќе понуди Владата“,

рече тој.

Според него, изборниот процес покажа дека добија поддршка аргументите што ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе во кампањата, како, на пример, да се разговара за менување на Преспанскиот договор, за промена на Преговарачката рамка.

Потоа, Спасовски прочита неколку изјави дадени од премиерот Христијан Мицкоски и од претставници на ВМРО-ДПМНЕ дадени за време на кампањата.

„Се согласувам дека треба да изградиме заеднички став. Но, да го видиме планот на Владата и врз основа на тоа да излеземе со заеднички став за да нема кој друг да нѐ уценува и да ни диктира“,

вели Спасовски.

Посочи дека не е доволно само декларативно да се кажува дека се за ЕУ.

„Ние не одбиваме како ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција. Велиме дека ќе седнеме и разговараме. Ако понудите решение што ќе биде издржано, решение што ќе биде во интерес на државата, да застанеме сите заедно зад тоа решение и да имаме напредок во преговорите“,

рече тој.

Посочи дека треба јасно да се каже дали продолжуваме по европскиот пат или имаме некоја друга алтернатива.

„ВМРО-ДПМНЕ сега како власт немаат ниту еден чекор мрднато во делот на евроинтеграциите. Изборите покажаа дека друга партија на овие прашања, како ‘никогаш Северна’, рушење на Преспанскиот договор, промена на Преговарачка рамка, доби 58 пратеници. Сега ние тој план го очекуваме“,

вели Спасовски.

- Реклама -