„Слични структури кои беа против зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, се и против постигнување на договор со Бугарија“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во вечерашното интервју на ТВ21.
Како што истакна Спасовски, земјава има противници во сите фази при остварувањето на националите интереси.
Тоа било случај и со влезот во НАТО, кога одредени структури, невладини организации и некои политички партии, од разни причини директно се спротивставуваа на Договорот со Грција и влезот на Северна Македонија во Алијансата, рече Спасовски.
„Нормално постојат и такви коишто работат на целосно кочење на постигнување на каков било договор со Бугарија. Затоа би оставил тоа службите да го одработат на соодветен начин заедно со сите оние коишто се вклучени во процесот. За нас е многу важно е ние да имаме отворен дијалог и принципиелен диалог со Република Бугарија. Принципиелен дијалог што значи дека ги штитиме нашите национални македонски интереси и притоа да бидеме подготвени да постигнеме компромис којшто ќе значи отворање на вратите за Северна Македонија, за перспективите ЕУ и нашето членство. Меѓутоа, многу јасно да кажеме кои се нашите црвени лини и што е тоа за што не може да се разговара, тука го ставаме идентитетот, јазикот“, истакна министерот.
Спасовски посочи дека тие кои преговарат треба да имаат на ум дека националниот интерес е најважен, а тоа, како што рече, е зачленувањето во ЕУ, бидејќи некоја друга алтернатива немаме.
„За нас е многу важно што мнозинството граѓани стојат многу цврсто на патот кон ЕУ и тоа навистина ни дава за право и ние во ниту еден момент да не можеме да се тргнеме од тој пат. Сите други обиди да нѐ попречат, мислам ќе завршат како тие обиди пред зачленување во НАТО“, порача Спасовски.
Извор: МИА