„Целосната ангажираност и опсежност во потражните дејствија на МВР и другите институции и преземање на низа активности даде резултати“, со овие зборови, по премиерот, се огласи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за неочекуваното (барем за јавноста) појавување на Сашо Мијалков во Јавното обвинителство.
„Денеска истакнав дека Мијалков е во земјава и дека очекувам успех за неколку часови“, додава Спасовски во изјавата за МИА, сакајќи да даде тежина на наративот дека појавувањето на Мијалков (кој изјави дека утрово дознал за сѐ она што се случувало поврзано со негото „исчезнување“ и потоа сам се упатил кон Обвинителството) е заслуга на институциите.
Меѓутоа, во текот на целата прес-конференција која се одржа во 15 часот, а на која алудира првиот човек на МВР, тој не беше ни приближно толку уверлив. Иако е точно дека соопшти дека според сознанијата полицијата смета дека Мијалков е во државата, тој не најави резултати за неколку часа, туку изрази надеж и желба дека ќе има резултати во рок од часови (наместо денови):
„Инаку, рокови… Јас би сакал денеска да заврши целиот процес, или можеби утре. Така да, во потрагите и потражните дејствија знаете дека нема рокови, затоа што тие не зависат од никого. Роковите се тие коишто ќе донесат резултат во истрагата. Дај боже тој да биде со часови“, беа точните зборови на министерот за внатрешни работи, прашан дали е вистина дека премиерот Заев дал рок од 3-4 дена за пронаоѓање на Мијалков (39:22 во видеото).