Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска од Охрид уште еднаш испрати порака да не се политизираат убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски и повика на одговорно однесување од сите.
– Политиканството или што било друго во вакви случаи на убиства мислам дека уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро затоа што нема никаква цена што може да биде оправдана од ваков вид. Не посакувам да се впуштаме сите во политиканство, туку да се работи сериозно до крај, да се проширува истрагата, да се откријат сите факти и докази и сите тие радикални криминални гнезда како што истакнав мора да бидат разоткриени и целосно уништени. Затоа што хранењето на таквите луѓе, на мотивите итн., може да предизвикуваат сериозни последици“, изјави Спасовски.
Додаде дека се испитуваат многу видови на комуникации што биле изминатиот период и со осомничените и со лица надвор од оваа група.
– Така што сметам дека ќе се дадат и многу други одговори во однос на конекциите итн., коишто биле. Тоа е важно за истрагата за да можат тие радикални структури да бидат целосно разбиени, рече Спасовски.
Го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доколку има докази како што тврди, веднаш да ги предаде на истражните органи.
– Доколку не се предадат тие докази тоа е кривично дело и тоа треба јасно да ни биде на сите, подвлече Спасовски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за телевизија „Шења“ изјави дека има големи недостатоци во истрагата за убиствата и дека истрагата почнала доцна.