Спасовски: Од утре стартува на сила обврската за носење заштитна опрема

Од утре стапува на сила обврската за носење заштитна опрема на отворено, но и во затворени простории. Под заштитна опрема за подразбираат маски, шалови, марами и сите други прекривки за лицето. Ова на денешната прес конференција го истакна премиерот Оливер Спасовски.

Одлуката на Владата не се однесува доколку граѓаните практикуваат дистанца од 2 метри и доколку престојуваат на својот балкон, двор, сопственото возило или пак велосипед.

За непочитување на оваа одлука на Владата, следуваат соодветни санкции.

Почнувајќи од утре, четврток, 23 април, се намалуваат рестрикциите на движењето.

Секој работен ден, од понеделник до петок ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 19:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 05 часот наутро.

За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05 часот наутро до 12 на пладне.

Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.

Се намалува и ограничувањето на движење за време на викендите.

Од сега забраната за движење за викенд ќе почнува од 15:00 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 05:00 часот наутро.

Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 05 часот наутро до 11 часот наутро.

Во сабота, младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.

- Реклама -