Спасовски: Обвинувањата меѓу Русковска и Муареми нема да ја зголемат довербата во институциите од 8%

Обвинувањата меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска, и директорот на Управата за финансиска полиција – Арафат Муареми, штетно влијаат врз довербата во институциите, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Ова предизвикува штета на граѓаните заради тоа што вербата во институциите се губи и секој кој носи било каква функција, мора да носи одговорност – етичка, морална… Не може да се дозволи да се растурат институции од било кого и за тоа треба цврсто да застане секој заради тоа што ако се изгуби вербата во институциите, тогаш е најголемиот проблем. Така што мора да се размислиме зошто институциите, обвинителство, судство имаат осум отсто доверба. Не верувам дека ова е начинот на којшто ќе ја зголемуваме довербата“, изјави вечерва Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на „Канал 5“ телевизија.

Обвинувањата меѓу Русковска и Муареми траат извесен период, а Русковска ги повика надлежните институции во државата и меѓународните институции и амбасади „да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“. Нејзината реакција уследи откако директорот на Финансиската полиција најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Извор: МИА

- Реклама -