Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, остро реагираше на седницата во Собранието, посветена на изборот на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, укажувајќи на опасноста од партизација на оваа важна институција. Спасовски истакна дека изборот не смее да се одвива без обемна дебата и оцени дека тековните кадровски решенија се во спротивност со претходните ветувања за департизација и системски реформи.
„Очигледно е дека избраниот кандидат е член на партијата, но уште посериозен проблем е што тој има интереси во хидроцентрали и компании од енергетскиот сектор, што поставува прашање за независноста на Регулаторната комисија“, рече Спасовски. Тој обвини дека кандидатот е поврзан со неколку компании од енергетската сфера, вклучувајќи „Алфа инженеринг“, „Екотера“ и „Хидронерџи груп“, како и дека поседува мали хидроцентрали.
Според Спасовски, ваквите околности создаваат потенцијален судир на интереси, бидејќи претседателот на Регулаторната комисија има одлучувачка улога за цената на електричната енергија, што директно може да влијае на профитите на приватните енергетски компании. Тој исто така потсети на претходните ставови на пратеници од владејачката структура, кои во минатото барале строг избор на членовите на Регулаторната комисија, вклучувајќи условите дека кандидатите не треба да бидат поврзани со политички партии.
„Ако тогаш тоа не било добро, денес имаме уште полош пример. Ако не гласате против, тогаш сите овие ставови може да ги занемарите“, порача Спасовски, укажувајќи на недоследностите и недостигот на интегритет.




