Спасовски: Бадник и Божик даваат духовна сила за секој да ги види одново вредностите што носат благослов

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, упати честитка до г.г. Стефан, архиепископот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, до претставниците на Синодот на МПЦ – ОА и до сите луѓе во нашата држава, кои ги чествуваат големите христијански празници Бадник и Рождеството Христово Божиќ, во името на Владата на Република Северна Македонија и во негово име.

„Ги честитам големите празници Бадник и Рождеството Христово Божиќ, на Вас, на претставниците на Синодот на МПЦ – ОА и на сите граѓани во нашата држава, во името на Владата на Република Северна Македонија и во мое име.

Големите празничните денови како што се Бадник и Раѓањето Христово Божиќ се голема духовна сила за секој човек, да ги види одново вредностите што носат благослов, како што се чесноста, љубовта, грижата едни за други и да го прилагоди своето дејствување во заедницата, во името на тие вредности.

Христос оставил вечен светилник на човештвото, дека само заедничката радост е радост, и само заедничката среќа е среќа, како и дека никогаш и поради ништо човекот не треба да се откаже од големото добро, дури напротив треба да го понесе на себе како чест и да одговори достоинствено на оваа света човекова обврска.

Да го продолжиме патот кон мир и спокој, кон сигурност и благосостојба, продолжувајќи да ги негуваме единството, почитувањето, пријателствата, чистата и искрена љубов.

Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани.

Христос се роди!“, е наведено во честитката од премиерот Спасовски до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.

- Реклама -