Ако на некој споменик во Македонија пишува дека даден народен херој е убиен од бугарските фашисти во време на Втората светска војна, тоа не треба да ги навредува Бугарите, пишува на Фејсбук поранешниот амбасадор во Бугарија – Ѓорѓи Спасов, откако премиерот Зоран Заев практично најави дека спомениците ќе бидат „во пријателски дух“ и дека ќе се брише „бугарски“ каде што пишува „бугарскиот фашистички окупатор“ во учебниците, зашто фашизмот не смеел да има етничка димензија.
Основа да бидат навредени од ваквата фраза, смета Спасов, Бугарите би имале само доколку сметаат дека во Втора светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии, туку дека тие биле само „ослободители и администратори“. Таков историски фалсификат не ни дозволуваат жртвите во борбата против фашизмот, категоричен е екс-амбасадорот.
„Имало ли бугарски фашисти во Македонија во време на Втората светска војна како што имало и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти? Имало. И тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници.
Ако на некој споменик во Македонија пишува дека тој и тој народен херој е убиен од бугарските фашисти во време на Втората светска војна тоа не треба да ги навредува Бугарите освен ако сметаат дека за време на Втората светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии туку само ‘ослободители и администратори’.
Тие може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со бројни фалсификати, но ние во име на жртвите во борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за членство во ЕУ.
Можно е само да допишеме таму кај што треба дека се тоа жртви на бугарските фашисти од време на Втората светска војна и ништо повеќе“, пишува Спасов.