Спанаќот е полн со витамини и минерали, а најпознат е по високата количина на железо, заради што и често е застапен во разните диети и исхрани. Меѓутоа, многу е важно да знаете како да го подготвувате.
При варењето, спанаќот губи доста од своите хранливи вредности. Голем дел од витамините и минералите при варењето се губат и остануваат во водата во која е варен спанаќот, што значи дека нема да добиете доволно витамин Ц и фолна киселина, не колку што би добиле ако го јадете поинаку подготвен.
И не, не зборуваме за сиров. Сировиот спанаќ не се смета за баш најдобар извор на калциум, затоа што содржи оксална киселина, а таа ја спречува апсорпцијата на калциум. Со други зборови, од сиров спанаќ ќе добиете само витамин Ц и фолна киселина, а не и калциум.
Сепак, постои начин да јадете спанаќ што ем ќе го задоволи вашиот вкус, ем ќе ве снабди со сите хранливи состојки. Трикот е во тоа што наместо класично да го варите, спанаќот гответе го на пареа.
Уште едно важно правило кое многумина го прекршуваат: Водете сметка спанаќот никогаш да не го подгревате. Во себе содржи нитрати, кои по изложеност на дејство на микроорганизми и одново загревање преоѓаат во нитрити, а потоа и во нитрозамини, кои се многу штетни и канцерогени за човечкиот организам.