СОЗР: Најостро ги осудуваме лажните информации за цените во рестораните на државните институции

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија работи одговорно, цените важат за сите вработени во институциите што ги опслужува“, реагираат од СОЗР и информациите во јавноста и обвинувањата од опозицијата околу цените во владините бифеа ги карактеризираат како лажни вести.

„Службата најостро ги осудува лажните информации кои се пласираат во јавноста поврзани со цените во рестораните во државните институции, за што се пласираат невистинити информации дека СОЗР овозможува ‘богато и евтино мени за функционерите’“, се вели во демантот.

„Службата врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, како и Владата на Република Северна Македонија, министерствата и органите во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата на Република Северна Македонија. Службата воедно може да врши општи работи и услуги и за потребите на самостојните органи на државната управа, управните организации, правосудните органи и други државни органи.

Ја информираме јавноста дека во бифето од ресторанот се опслужуваат 250 вработени во Владата покрај функционерите, а во Собранието бифето го користат сите пратеници, вработени во службите, како и медиумските работници кои се на извршување на работни задачи во законодавниот дом. Тоа значи дека цените во рестораните на државните институции, не важат само за функционерите, туку и за пратениците, службите, сите вработени итн.

Прочитајте и:  Владата го назначи министерот Муртезани за главен преговарач со ЕУ

Службата работи на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15% со одлука на Влада, и притоа е месечен даночен обврзник, што резултира со конкретни цени кои секако се различни и пониски од оние кои се во комерцијалните ресторани“, посочуваат од СОЗР.

Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните, велат, не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува Службата, преку кои што, потенцираат, се држат трошоците на институциите под контрола.

„Во оваа насока, посочуваме дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше Владата на ВМРО-ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, се сведени на минимум. Сите државни институции трошат разумно и своите потреби ги задоволуваат во рамки на државните ресторани што во крајна линија значи заштеда и одговорно менаџирање на буџетските средства“, додаваат од СОЗР и апелираат во иднина да не се шират, како што велат, лажни информации кои ја вознемируваат јавноста.

- Реклама -