Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на денешната вонредна седница едногласно донел одлука в понеделник, 22 април, во 11 часот да организира протест пред Министерството за култура поради неисплата на плата за март за околу три илјади вработени во културата.
Одлуката на Фејсбук ја соопшти претседателот на СОНК Јаким Неделков кој денеска на прес-конференција и најави дека ќе се одржи вонредна седница на членството за да се одлучи за натамошни чекори.
Исто така, на седницата на Советот на СОНК е одлучено да се отпочне и процедура и организација за генерален штрајк во сите установи од дејноста култура.
-Советот на СОНК изрази огромна разочараност од непостоењето, односно едностраното прекинување на социјалниот дијалог од страна на Министерството за култура. СОНК постои, силата на СОНК ќе ја почувствувате наскоро, напиша претседателот на СОНК на Фејсбук.
На прес-конференцијата денеска, на која присуствуваа и вработени во културата, СОНК изрази незадоволство од доцнењето на платата за март која, според Општиот колективен и Колективниот договор во областа култура, вработените треба да ја примат до 15-ти односно до 10-ти во месецот.
Согласно усогласувањето на платите со минималната плата во државава, мартовската плата треба да им биде зголемена за 12 отсто. Пресметките се изготвени од установите за култура, но нема одобрување од Министерството за финансии и покрај ветувањата на ресорната министерка.
-Иако министерката излезе и кажа дека ќе нема проблем со платите, во дејноста култура сепак има проблем за исплата на мартовските плати. Проблемот датира уште од октомври лани за септемвриската плата, кога вработените во културата добија решенија за плата со ограничена важечка вредност. Тоа значеше дека до март ќе важат тие решенија, од март ќе се применува систематизацијата минимална плата по коефициент, не сметајќи ги во меѓувреме зголемувањето на платите за 10 проценти по основ на Општ колективен договор. Тоа ни беше јасен сигнал што може да се случи во април за мартовската плата и, еве, навистина, нашата загриженост и реакции беа оправдани во однос на тоа што Министерството за култура на чело со министерката за култура имаа план, стратегија и цел платите наместо 12,55 проценти да се зголемат само за 2,5 проценти, истакна денеска Неделков, нагласувајќи дека СОНК нема да дозволи исплата на плата спротивно на Колективниот договор за дејноста култура.