Советот на ЕУ даде зелено светло за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово

Советот на Европската Унија денеска, во прво читање, усвои став за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово најдоцна од 1 јануари следната година.

Сопствениците на косовски пасоши ќе можат да влезат во ЕУ без визи или од 1 јануари 2024 година или од почетокот на функционирање на Системот на ЕУ за информации и одобрувања на патувања (ЕТИАС), доколку тоа се случи оваа година, соопшти денеска Советот на ЕУ. Пред две недели беше објавено дека почетокот на ЕТИАС, електронскиот систем за одобрување влез во ЕУ, ќе биде одложен до следната година.

Новите правила ќе им овозможат на косовските државјани да влезат во ЕУ без виза во период од 90 дена во кој било период од 180 дена, со што целиот регион на Западен Балкан ќе биде под ист визен режим во однос на ЕУ.

Пред новите правила да бидат потпишани и објавени во Службен весник на ЕУ, тие треба да бидат усвоени од Европскиот парламент.

Марија Малмер Стенергард, министерка за миграција во владата на Шведска, земја која моментално претседава со ЕУ, рече дека Косово „вложи големи напори“ да го подобри управувањето со миграцијата и да се усогласи со визната политика на ЕУ и изрази надеж дека соработката меѓу ЕУ и Приштина во тие области „ќе продолжи да биде плодна“.

Прочитајте и:  ЕУ размислува да го замени рускиот течен гас со американски гас, објави Урсула фон дер Лајен

Врз основа на оценката дека Косово постигна значаен напредок во сите области од патоказот за либерализација на визниот режим, Европската комисија предложи укинување на визите за сопствениците на косовски пасоши. Европската комисија ќе продолжи активно да го следи спроведувањето на тие барања, вклучително и усогласувањето на визната политика, преку посебен механизам, посочува Советот на ЕУ.

На 30 ноември 2022 година, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ се договорија за преговарачки мандат за безвизен режим за граѓаните на Косово, врз основа на кој претседавачот со ЕУ требаше да ги започне преговорите со Европскиот парламент.

Косово долго чекаше безвизен режим за влез во ЕУ, откако Европската комисија во јули 2018 година потврди дека земјата ги исполни преостанатите два услови за визна либерализација (ратификување на договорот за демаркација на границата со Црна Гора и успех во борбата против криминал и корупција), и дека на тој начин ги исполнила сите критериуми од Патоказот за визна либерализација.

МИА

- Реклама -