Советниците во Град Скопје ја изгласаа програмата за работа на ЈП „Комунална хигиена“ до крајот на годината

По гласањето на програмата, преку писмено соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека доцна попладнево коалицијата во Град Скопје предводена од оваа партија ги изгласала сите програми на Арсовска, за кои таа велела дека се кочат

Со 30 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ советниците во Град Скопје попладнево во рамките на продолжението на 51 седница на Советот ја изгласаа предлог-одлуката за давање согласност за програмата за дополнителни активности на Јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ во делот на јавната чистота на подрачјето на градот за периодот од 1 септември до 31 декември, оваа година.  

Од денешната седница на Советот на Град Скопје / Фото: Принтскрин

На гласањето на предлог-одлуката му претходеше полемика и конфронтација меѓу градоначалничката на Скопје и дел од советниците кои покажуваа фотографии со локации во главниот град кои не се исчистени.  

Реагирајќи на советниците, Арсовска рече дека инспекторите на Град Скопје дежураат во три смени на одредени локации за да укажат на свест кај граѓаните.  

„За жал, ние немаме онолку инспектори колку што има локации со контејнери, каде очигледно со намера се прават диви депонии низ градот Скопје“,

рече Арсовска.  

Говорејќи во таа насока, градоначалничката кажа дека на над 80 отсто од локациите, како што рече, хаварија има надвор од контејнерите, кои се празни. За ова, додаде таа, јавноста треба да суди, освен, ако не е „некоја инструкција од некои центри“. 

Градоначалничката изрази загриженост што во земјава и во градот Скопје, надлежните институции не постапувале и не го санкционирале неправилното фрлање на отпад. Посочи дека станува збор за 10 општини во градот Скопје со 10 инспекторати, кои имаат свои инспектори и комунални редари.   

„Ова е многу сериозно. Ние цела армија да ангажираме нема да може да исчисти. Треба сериозен пристап. Одговорноста не може да се бара единствено кај институцијата која исклучиво постапува во овој случај. Ние сме единствената институција во Град Скопје која постапува по овие случаи“,

рече Арсовска, додавајќи дека имаат изречено голем број глоби, санкции и едукации.  

Според неа, кога се бара одговорност, тоа треба да се однесува и на сите останати кои имаат надлежности.  

Во врска со сезонските работници, кои биле 120 или 150, градоначалничката рече дека треба да се изнајде некое поодржливо решение со кое овие луѓе трајно ќе го најдат своето место во Градот каде се потребни. 

Градончалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната седница на Советот / Фото: Принтскрин

Советниците на денешната седница го донесоа и Предлог-развојниот план за одржување, реконструкција и изградба на магистрални и собирни улици на подрачјето на Град Скопје за периодот од 2024-2026 година, како и одлуката за давање согласност на годишната сметка на ЈСП „Скопје“ за 2023 година. 

Советниците со 28 гласа „за“, еден „воздржан“ и без ниту еден глас „против“ го донесоа Предлог-развојниот план за јавен превоз на патници на подрајчето на Град Скопје за периодот 2024-2026 година, а ја изгласаа и одлуката за давање согласност на ЈСП „Скопје“.  Поддршка од советниците попладнево добија повеќе предлог-програми, како и Предлог-планот за енергетска ефикасност на Град Скопје за 2024 година. 

Претходно денеска советниците не го поддржа предлогот на Арсовска за набавка на нови екоавтобуси.  

„За“ набавка на нови автобуси гласаа 20 советници, петмина беа „воздржани“, а никој не се изјасни „против“. Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа, а некои од нив беа воздржани. 

За оваа одлука да биде усвоена требаше да гласаат 23 советници. 

Откако советниците од другите политички партии рекоа дека ќе ја гласаат одлуката за набавка на нови екоавтобуси, за збор се јави претседателот на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, кој рече дека нема да ја гласа одлуката затоа што во буџетот за 2024 немало пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за 2025. 

Љубица Јанчева од СДСМ нагласи дека сега точката за која треба да се гласа не е кредитно задолжување за набавка на автобуси, туку сега предлог-одлуката е потреба за почнување постапка за набавка на нови возила. 

Реплика на Славески имаше и градоначалничката Данела Арсовска, која му рече да се формира комисија за спроведување на постапката, а тој како поранешен министер за финансии да предложи со ребаланс да се пренаменат средства, само да престане блокадата. 

По гласањето на програмите, преку писмено соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека доцна попладнево коалицијата во Град Скопје предводена од оваа партија ги изгласала сите програми на Арсовска, за кои таа велела дека се кочат.  

„Иако на Арсовска не ѝ с е потребни програми за да го исчисти Скопје, затоа што за чисто Скопје, не и е потребна програма за нешто што е утврдено со закон, сега по нивното гласање Арсовска нема повеќе алиби за нехигиената во главниот град. И на крај, досега се гласаа програмите градоначаничката не беше присутна на расправата за точките за коишто тврдеше дека се клучни“,

се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.  

Минатата недела градоначалничката Арсовска беше на средба во Владата со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински. По средбата Перински рече дека Арсовска до четвртокот требаше да изработи план за тоа како да се поправат состојбите во Градот и во јавните претпријатија и тој план да биде презентиран пред Советот, по што Владата ќе би видела на кој начин ќе може, согласно законските можности, да помогне во негова реализацијата. 

Арсовска, по средбата, даде краток осврт на нејзиното гледиште на прес-конференцијата на Перински, за која кажа дека се согласува само со неговиот генерален заклучок – дека советничките групи во рамки на Градот Скопје немаат меѓусебна комуникација, што според градоначалничката е добар показател дека Мицкоски се обидува да ги поправи грешките на своите сопартијци, чии постапки наликувале на политички циркус за добивање политички поени. 

Средбата беше прва по преземањето на премиерската функција на Мицкоски, но и прва средба за која јавноста е запознаена по расколот во 2022 година меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, чија поддршка ја доби на локалните избори една година претходно. 

Ова следува откако премиерот им даде „разумен рок на Арсовска и претпријатијата да почнат со работа“ пред Владата да им ги предаде ингеренциите на скопските општини на ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како што неодамна едногласно побараа скопските градоначалници. 

Инаку, Советот на Град Скопје на денешната седница не ја донесе Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. „За“ одлуката гласаа 14 советници, четворица беа „против“ и двајца воздржани. Против оваа одлука гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица. 

- Реклама -