Совет за македонски јазик: Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик!

Овој материјал претставува најобичен памфлет со што се прави обид за попречување на афирмацијата на македонскиот јазик во меѓународни рамки, особено во НАТО и во ЕУ, порача Советот за македонски јазик при Владата по повод најновото издание на Бугарската академија на науките „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“, во кое се вели дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

„Нашата заедничка реакција е содржана во едноставната реченица: Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик! За жал, овој материјал покажува едно неевропско однесување во 21 век, време кога народите во ЕУ и надвор од неа се сплотуваат и се трудат да ги релаксираат сите белези од минатото што можат да предизвикаат непријатни чувства“, нагласува Советот за македонски јазик во реакцијата и додава дека ставот што го изнесува по повод ова издание на БАН е за пред македонската и пред странската научна и политичка јавност.

Во реакцијата потпишана од претседателот на Советот, проф. д-р Људмил Спасов, се посочува дека Советот за македонски јазик при Владата на РСМ се придружува кон сите напредни институции и луѓе во Европа и во светот што градат пријателство и соработка меѓу државите и народите и, ценејќи ја големината на бугарската култура, Советот ја повикува демократската бугарска јавност „да го отфрли овој памфлет од низок стил“.

„Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација. Неочекувано и неприфатливо е ваква реакција да дојде од страна на една академско-научна институција од држава-членка на Европската Унија. Познато е дека се одржани многу конференции посветени на македонскиот јазик, литература, историја и култура, на кои присуствувале еминентни професори и научници од целиот свет, чии истражувања не соодветствуваат на ставовите на Бугарската академија на науките“, нагласува Советот за македонски јазик во реакцијата.

Придружувајќи се целосно кон реакциите на научната и на културната македонска јавност, особено кон реакцијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот најави збирка на текстови, во книжно и во електронско издание за, како што наведува, „подобро запознавање на нашата и на странската јавност со стојалиштата на македонските научници и на другите мислители од областа на македонската култура“.

- Реклама -