Во рамките на денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, министерот за одбрана Владо Мисајловски учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина. Овој настан беше организиран од страна на секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хејли, и министрот за одбрана на Германија, Борис Писториус.
За време на состанокот, беа разгледани актуелните состојби и безбедносните предизвици поврзани со конфликтот, со размена на информации, ставови и искуства. Исто така, дискутирано беше за идните приоритети на Алијансата со цел зајакнување на координацијата помеѓу земјите членки, информираше министерот Мисајловски.
Тој додаде дека ваквите разговори се од суштинско значење за развојот на заеднички одговори на современите безбедносни предизвици и за зајакнување на довербата помеѓу сојузниците.
Во пресрет на Самитот на лидери на НАТО, закажан за 24 и 25 јуни, Мисајловски ќе престојува во Брисел и утре, каде ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.
Утрешниот министерски состанок ќе биде продолжение на подготовките за Самитот и на него ќе се дискутираат новите цели за способностите, со акцент на зајакнување на одвраќањето и одбраната, зголемување на инвестициите во одбраната, поддршката за Украина и нуклеарното одвраќање.