Сопругата на претседателот се вакцинираше против Ковид-19 (ФОТО)

Имунизацијата на здравствените работници продолжува, а денеска, како една од нив, вакцината против Ковид-19, без многу помпа, ја прими и првата дама на државата, сопругата на претседателот Стево Пендаровски – д-р Елизабета Ѓоргиевска.

Ѓоргиевска, која работи на Клиниката за стоматологија, а воедно и предава на Стоматолошкиот факултет, фотографии од вакцинацијата објави на Фејсбук:

Според изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека денеска ќе биде завршен планот за тоа како ќе продолжи вакцинацијата со руската вакцина „Спутник В“, извесно е дека Ѓоргиевска ја примила вакцината од „Фајзер“, од оние над 8.000 вакцини кои Србија ни ги отстапи од своите залихи.

Инаку, покрај желби за добро здравје и честитки што служи за пример, првата дама во коментарите доби и честитки за Меѓународниот ден на жените – 8 Март. По повод празникот, во интервју за ММС, таа вели дека денеска не очекува посебни изненадувања:

„Не очекувам посебни изненадувања денеска. Осми Март е ден да се означи борбата за рамноправност на жените, да се истакне потребата за родова еднаквост и да се покаже почит спрема жената. Во тој дел јас ја имам почитта на двајцата мажи во моето семејство во текот на целата година“, вели првата дама во интервјуто.

- Реклама -