Хималајското царство Бутан го прифаќа модерниот живот со многу побавно темпо од остатокот од светот. Телевизија и интернет доби дури во 1999 година, а мобилни мрежи дури 4 години подоцна. Конструкцијата пак, на првиот пат асфалтен пат во земјата, почна дури во 1960-тите години. Сé дотогаш, единствен начин да стигнете од една до друга точка во Бутан беше пешки, или јавајќи на мазга.
Иако оттогаш се изградени повеќе од 1.500 километри патишта, Бутан останува со само 75.000 возила на вкупното население од околу 750.000 жители. Со оглед дека земјата има површина слична на Швајцарија, патиштата се прилично празни, ем без автомобили, ем без сообраќајна сигнализација.
Всушност, до пред некое време Бутан имаше само еден семафор. Денес нема ниту еден. Тој единствениот, поставен во главниот град Тимпу, беше тргнат за само 24 часа. Луѓето го сметаа за премногу модерен, и за еден од симболите на западната глобализација, па брзо го заменија со сообраќаец од крв и месо, кој брзо прерасна во еден од препознатливите заштитни знаци на Бутан. Денес ќе го видите како живо мафта со белите ракавици, и го диригира сообраќајот од средината на една од најпрометните улици во градот.
Но иако патиштата се претежно празни, нема да ви биде досадно да возите, и таа досада да ја надоместувате со педалата за гас. Настрана прекрасниот планински терен и опасните свиоци, патувањето ќе ви го „раздвижат“ и попатните хумористични сообраќајни табли. На пример, на една кривина близу до единствениот аеродром во Бутан – во вториот по големина град Паро, каде што само 12 пилоти имаат дозвола рачно да слетуваат на кратката писта – ќе налетате на ваква римувана порака:
И тоа ќе биде само вовед, зошто овој знак е само еден мал дел од т.н. „Проект Дантак“ – иницијатива на Border Roads Organisation (BRO) фундирана од индиската влада, која има за цел да ја подобри безбедноста на патиштата.
Знаците се на англиски, и повремено на Џонгка – официјалниот јазик на Бутан. Тоа што им фали во интерпункција, го надоместуваат со рима, со позитивната порака, со тоа што го привлекуваат вниманието, и со тоа што лесно се памтат, најмногу заради добрата игра со зборови, нетипична за официјални организации и бирократи.
Ќе налетате и на вакви:
Или ова истото, ама во друга варијанта:
Некаде на патот од Тимпу до поранешниот главен град Пунака, пак, ќе поминете низ еден од најубавите панорамски места за одмор – Dochula Pass, од каде се гледа дел од Хималајскиот венец, како и националниот парк. На истиот тој пат, ќе сретнете и табла со натпис „Mountains are pleasure, only if you drive with leasure“ (Планините се задоволство, само ако возиш опуштено).
Но не е сé околу безбедноста. Си дозволуваат да пишат и по некоја порака околу загадувањето: „Don’t litter, it will make your life bitter“ (Не загадувај, ќе ти го загорчи животот). Или да се пофалат: „Smooth road for your smooth ride“ (Мазен пат, за мазно возење).
Но верувале или не, зад знаците има и сериозна нота. Индиската Border Roads Organisation исто така градела и ги одржува патиштата и во други земји околу Индија: Авганистан, Бурма и Шри Ланка. Денес главно вработуваат локални работници, но историски гледано, најголем дел од патиштата се градени од Индијци, и тоа во многу ризични и тешки услови.
„Да не заборавиме дека патиштата во овој тежок терен се градени не само со цемент и бетон, туку и со крвта на луѓето од Border Roads Organisation од Индија. Многу ги загубија нивните животи за каузата и должноста кон проектот“, потсетуваат официјалните лица од BRO и Бутан.
Со други зборови, хуморот во знаците е во чест на тие загинати индиски работници, кои секојдневно „ѝ се смееле на смртта во лице“. Нивната жртва луѓето од Бутан не ја забораваат, и дури и денес, повеќе од половина век подоцна, ја ценат преку насмевките што им ги изнудуваат овие несекојдневни сообраќајни табли.