Бугарското МНР е изненадено од острата позиција на претставниците на македонските власти и, како што се вели во реакцијата, „антибугарската кампања“ предводена од медиумите во земјава во текот на последните неколку дена, а во врска со отворањето на клубот на здружението „Културен центар Иван Михајлов“ во Битола на 16 април.
„Уште еднаш стануваме сведоци на говор на омраза против Бугарија, кој е поттикнуван од парламентарни политички партии, јавни лица и претставници на академската заедница. Посебно загрижува фактот што се прават обиди за неосновано изедначување на Бугарија и бугарскиот народ – со фашизмот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Од Софија порачуваат дека „ширењето на тенденциозни историски интерпретации е токму една од причините поради кои беше потпишан Договорот за добрососедство и беше создадена заедничката Мешовита комисија за историски прашања“, при што додаваат дека „очигледна е непходноста Комисијата да постигне реален напредок“ по чувствителните теми од, како што велат, „нашата заедничка историја“.
„Потсетуваме дека ‘Културен центар Иван Михајлов’ е регистриран согласно барањата на локалното законодавство и функционира од 2019 година, без до овој момент неговото име да било предмет на видлива негативна реакција на властите и на јавноста во нашата соседна земја. Тие факти водат до заклучокот дека кампањата која се разви во последните неколку дена всушност не е поврзана со името, туку е насочена кон дејноста на организацијата, активно ангажирана со проблемите на Бугарите во Северна Македонија и реализирањето на нивните права“, сметаат од бугарското МНР.
Од министерството посочуваат дека Бугарија ќе продолжи ги вложува сите неопходни напори, во согласност со меѓународното право, за поддршка и заштита на Бугарите во земјава, како и дека од одговорните фактори во државава очекуваат „конструктивен придонес“ во тековниот процес на враќање на довербата и на, како што велат, „градење на поволна средина за Бугарите во Северна Македонија, како и за секој што сака да развие пријателски односи со Бугарија“.
„Во последните месеци бугарската држава вложи значителни напори за промоција на позитивна клима во билатералните односи, вклучително и преку иницирање формати за засилен развој на секторска соработка. Во отворен дух, Бугарија ќе продолжи посветено да работи на градење вистински добрососедски односи, но притоа смета и на своите партнери во Северна Македонија“, се вели во реакцијата од Софија.