Меѓународен фестивал за современ дизајн во Софија

Четвртото издание на меѓународниот фестивал за дизајн “Sofia Design Week”, организирана од страна на “ЕДНО” и Фондацијата “Америка за Бугарија”, се одржува од 1- 8.06.2012 година во главниот град на Бугарија, Софија. Темата за 2012 година е “Во контекст”, а куратори на фестивалот се Адриана Димитрова, Атанас Желев, Лана Кавар и Светлана Мирчева.

 
На програмата оваа година има повеќе од 100 настани – натпревари, изложби, работилници, предавања, проекции, уметнички акции и професионален форум, а повеќе од 150 дизајнери од 20 земји учествуваат на овој фестивал.

Оваа година застапен е и македонскиот дизајн. „Министерство за задоволство“ и нивната групна изложба удобно се сместени во просторот на “A:PART:MENTAL” кафе/галерија за современа уметност и нова култура.



Македонската изложба е сочинета од колекција на радијатори под насловот „Линија на живот” од „Завар Дизајн“, група на млади дизајнери од Машинскиот факултет од Скопје – Билјана Стојановска, Славе Ристоманов, Марио Шиплиќ и Дамјан Колевски и дизајнерите на накит Нита Муча, Дафина Џепаровска, Николина Симовска, Јасмина Абдул, Ивана Кнез, Виолета Видоевска, Елена Поповска, Марија Петровска, Емилија Дамјановиќ и Драгица Николовска. Изложбата за презентацијата во Софија вклучи и две холандски дизајнерки, Анабет Филипс и Ива Јанковиќ.

Дизајнерското дуо составено од младите дизајнери Бојан Петрушевски и Јелена Кесиќ – брендот Nulla, го претставија својот нов проект “Ground 0. Black box, white trace ” со перформанс, инсталација и видео на аеродромот во Софија, Терминал 2.

Откако официјално на 1 јуни фестивалот започна, во следните два дена во Сала 2 во Националниот Дворец на Културата-НДК се одржа и професионален форум. Учество на овој форум земаа познати светски имиња во сферата на современиот дизајн како што се Genevieve Gauckler и Stefan Sagmeister.

Прочитајте и:  На „Европска поезија во вагоните и станиците на софиското метро“ ќе се чита поезија од Маџиров


Stefan Sagmeister е иноватор во графичкиот дизајн на 90-те години и е дел од културната историја на нашето време. Тој е австриец, но работи во Њујорк, добитник на две награди, Греми за дизајнот на албум на Talking Heads и за албумот на David Byrne и Brian Eno. Стефан стои и зад обвивките на култните албуми на Lou Reed, OK Go, The Rolling Stones, David Byrne, Aerosmith.

Меѓу листата на неговите клиенти во текот на годините се вбројуваат и HBO, музејот Guggenheim и Time Warner. Стилот му е извонреден до степен на сензација и со чувство за хумор кое опасно се граничи со непријатното. Неговото предавање: “Design and Happiness” беше незаборавно, каде ексклузивно прикажа неколку минути од неговиот нов недовршен долгометражни документарен филм насловен “The Happy Film”, кој ја истражува среќата.

Втора година по ред, на фестивалот има и програма за деца. Неговата цел е да ги запознае децата со можностите на светот на дизајнот, како и да ги поттикне и самите да создаваат и креираат додека се забавуваат.

Фестивалот е дел од културниот календар на Општина Софија и го поддржува градот во кандидатурата на Софија за европски главен град на културата за 2019 година. Им посакуваме тоа и да го остварат наскоро.

[Sofia Design Week 2012]

Текст: Александра Филипоска
Фотографија: Дарко Јовчевски 

- Реклама -