Во рамки на 117 собраниска седница денеска пратениците почна расправа по Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик во прво читање, а за заклучокот дека е прифатлив за втора фаза ќе се гласа дополнително.
Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска образложи дека се предлага донесување нов закон за македонскиот јазик, со кој ќе се прошират областите во кои задолжително ќе се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирани текстови што се објавуваат.
-Со предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадар за изучување на македонскиот јазик. Како и досега, и со овој закон, проверката на потребното стручно знаење ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца… Како стручно тело што ќе предлага соодветна политика за правилна употреба на македонскиот јазик, Владата предлага Совет за македонски јазик, рече министерката.
Посочи и дека со новиот закон ќе се формира инспекторат за употреба на македонскиот јазик, што ќе биде во состав на Министерството за култура. Притоа напомна дека прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоци и, бидејќи се работи за прекршоци од областа на духовното наследство, се пропишуваат глоби во трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби.
Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова го поздрави предлогот и рече дека е „чудно како од 1998 година до денеска не сме се свртеле кон Законот за употреба на македонскиот јазик“, а тоа, рече, особено морало да се направи кога се носел Законот за употреба на јазиците.
– Овој закон треба да добие должно внимание зашто се работи за еден од најважни сегменти од нашето духовно, нематеријално културно наследство. Особено што по неговото донесување ќе се креира национална стратегија за македонски јазик затоа што предупредувањата се драматични дека до 2050 ќе бидат под закана од исчезнување мали јазици поради неупотреба. Имаме обврска да не го дозволиме тоа, истакна Силјановска-Давкова.
Смета дека во предлогот треба да стои и оти употребата е право и должност на сите претставници на државава во меѓународните односи, дипломатијата и во дипломатско-конзуларните преставништви. Тоа треба да биде услов и за вработување во ДКП-та затоа што, рече, има сериозни проблеми на што укажуваат граѓани од нашата дијаспора.
Додаде дека во Советот за македонски јазик не смее да има партизација, туку во него да членуваат најквалитетни лингвисти и дека стручноста и компетентнооста треба да бидат главни критериуми.
Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ со реплика која рече е „атипична и поттикната од коректното излагање и осврт на Давкова“, искажа задоволство што има општ консензус во Собранието за вакво, како што рече, исклучително значајно законско решение и дека дискусијата била конструктивна и во матичната Комисија за култура.
-Драго ми е што со новото законско решение и националната стратегија ние не рушиме ништо, туку ги зацврстуваме темелите, рече Калевска-Ванчева.
Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека македонскиот јазик треба задолжително да се изучува на сите студиски програми во државава и тоа да биде во континуитет – од основно, средно до високо образование и тогаш кога наставата е на јазик различен од македонскиот.
Посочи дека текстот на предлогот треба да се доуреди амандмански на следната седница на матичната собраниска комисија за култура.
Апелираше до сите граѓани, како што рече, без разлика на етничката припадност, да се чува и негува македонскиот јазик „како доказ дека сме различни од другите особено од оние што нѐ негираат и сакаат да нѐ деградираат“.
Нејзиниот сопартиец Здравко Трајанов реагираше поради тоа што во шесто одделение нема да се изучува историјата на македонскиот јазик, за што Бирото за развој на образованието информира дека ќе се изучува во подоцнежните одделенија.
-Не смееме да дозволиме историјата за македонскиот јазик да биде изоставена од образованието што е во директна корелација со тврдењата на Бугарија дека нема континуитет во историјата на македонскиот јазик. На тој начин задоволуваме великобугарски апетити и тврдења дека нема историска нишка и дека македонскиот е само дијалект од бугарскиот, рече Трајанов и додаде дека „будно“ ќе следат дали историјата на македонскиот јазик ќе се изучува во седмо и осмо одделение.
Сериозна е и улогата на МНР кое, рече Трајанов, нема јасни позиции за македонскиот јазик и дали тој ќе биде отворен во Преговарачката рамка. Загрижен е и дали ќе профункционира новиот закон за употреба на македонскиот јазик поради тоа што нема доволен број лектори.
На 117 седница беше образложен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди во прво читање. По иницијатива на Советот за македонски јазик односно на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците се предлага воведување две нови државни награди за лингвисти – едната именувана по Блаже Конески за проучување на македонскиот јазик и втората именувана по Ремзи Несими која ќе се доделува за придонес во албанологијата.
Министерката Костадиновска-Стојчевска соопшти дека стручните, финансиските и административните работи за доделување на наградите се предлага да ги врши Министерството за образование и наука и се утврдува дека во текот на една година може да се доделат најмногу две награди Блаже Конески и две награди Ремзи Несими. Паричниот износ на наградите се предлага да изнесува пет просечни плати во земјава.
Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овие две награди Владата „на мала врата и тивко озаконува паралелизам и бинационално практикување на културата“ и покрај тоа што, рече, државата е мултикултурна.
Не спорејќи ја заслугата на Конески и Несими во лингвистиката, таа праша каде се останатите заедници и рече дека застапувањето само за два ентитета ги дискриминира другите граѓани што коегзистираат во државата. Рече дека со овој предлог Владата го урива концептот „Едно општество за сите“ што самата го промовирала.
МИА