Собранието му ја секна платата на Груевски

Без ниту еден глас против, денеска Собранието го изгласа дополнувањето на Законот за пратеници според кое осудените на казна затвор од 6 месеци го губат правото на пратеничката плата и разните надоместоци и бенефиции.

Целта на дополнувањето е да му се укине платата на избеганиот Никола Груевски, кој е осуден на две години казна затвор за случајот „Тенк“. Или како што рече Снежана Келевска – пратеничка на СДСМ и една од подносителите, „целта е сите пратеници да бидат еднакви и да не се повтори случајот со Груевски“.

За дополнувањето гласаа 52 пратеници. „Воздржани“ беа само Илија Димовски и Талат Џафери, кој рече дека не е убеден во решението на Законот, но дека е должен да ги почитува процедурите на Собранието.

Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека укинувањето на платата на Груевски е противуставно.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

„Пратеник има право на надомест утврден со Закон и со Устав. Или си пратеник и имаш право, или дајте прво да го промениме Уставот. Не можеме да се повикуваме на Закон за работни односи. Ако сметаме дека некој пратеник не смее да зема плата, има како да се реши. Постои процедура. Го кршите флагрантно Уставот и око не ви трепнува“, порача тој, повикувајќи се на член 64 од Уставот.

Од владејачкото мнозинство одговорија дека пратениците не може да бидат над граѓаните и дека платата не е врзана за мандатот, па според тоа дополнувањето на законот не е противуставно.

И покрај аргументите на нејзиниот колега од партиските редови, пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ гласаше за да му се одземе пратеничката плата на Груевски. Останатите пратеници не гласаа.

- Реклама -