Снимките од Груевски од Албанија нема да ги дочекаме – системот автоматски ги избришал?

ОЈО не успеа да ги обезбеди снимките од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски низ граничните премини и територијата на Албанија, соопшти Државниот обвинител – Љубомир Јовески на дебатата за „Реформи во Јавното обвинителство“ што се одржа во МАНУ.

„Во врска со снимките, односно меѓународната првна помош која беше побарана од надлежните правосудни органи на Република Албанија, како што извести Обвинителството, две службени лица престојуваа таму, но по барањето за меѓународна правна помош не е постапено целосно, така што снимките не се обезбедени“, изјави тој.

Како што истакна Јовевски, од албанска страна имало повеќе образложенија за причините што не биле обезбедени снимките, но основното е дека се работи за голем број и обемни материјали од безбедносните камери, кои системот може да ги чува само извесен период, по што автоматски ги брише.

„Меѓународната помош е сложена операција и се остварува со посебни правила“, искоментира државниот обвинител.

Груевски побегна на 9 ноември минатата година. Два и пол месеци подоцна, македонските служби сé уште не излегуваат со официјална информација за тоа дали на Груевски некој му помогнал и дали некој ќе сноси кривична одговорност.

- Реклама -