Снимка од теренот на Марс каков што го немате видено

Новообјавената снимка од Марс го открива теренот на нашиот близок вселенски комшија од една сосема друга перспектива. Марс е дом на роверот Curiosity уште од моментот кога овој слета во кратерот Gale во 2012-та година.

Марс како Земјата

Една од камерите снимила 16 поединечни панорами кои покажуваат различни етапи од патувањето на роверот, видени од врвот на гребенот Vera Rubin (наречен по познатата американска астрономка Вера Рубин), кои потоа се соединети во една компактна, а богами и импозантна снимка.

Благодарение на визуелните ефекти со кои е добиена сина нијанса наместо карактеристичната рѓаво црвена која обично се поврзува со Марс, целата сцена делува мошне познато за очите на Земјаните.

Панорамата е објавена од Лабораторијата за млазен погон (Jet Propulsion Laboratory, JPL) на НАСА во Пасадена, а прикажан е патот на роверот долж надворешниот раб на кратерот.

Сите фотографии од кои е составена снимката се снимени на 25 октомври 2017-та, настанати на висина од 327 метри. За прикажаниот кратер се смета дека е стар меѓу 3.5 и 3.8 милијарди години, а дијаметарот му е 154 километри. Најголемиот дел од хоризонтот е опфатен од северниот раб на кратерот, околу 2 километри над роверот. Поради ретката атмосфера, на снимката во позадина се гледаат и планини оддалечени и над 80 километри.

Прочитајте и:  Нови снимки од Јупитер, веројатно најдобрите досега

Најмногу ќе уживаат геолозите

Освен што снимките се споени во една, НАСА ја прилагодила и количината на бела боја, со цел карпестите косини и рамните површини во внатрешноста на кратерот да изгледаат како што би изгледале на дневна светлина на Земјата.

Сé ова е со цел да им се помогне на геолозите на Земјата полесно да разберат за каков вид на терен се работи.

Иако Curiosity неуморно се искачува веќе пет години, ова е првпат да можеме да погледнеме наназад и да ја видиме целата мисија пред нас, наведува во писмената изјава Ашвин Васавада – еден од научниците кои учествуваат во проектот.

„Од нашата положба на гребенот Вера Рубин се шири огромна рамнина на дното на кратерот, сé до спектакуларниот планински венец кој го сочинува северниот раб на кратерот“, појаснува тој.

 

- Реклама -