Италијанскиот весник Ла Верита денеска објави и трето продолжение за случајот „Рекет“.
Под наслов „Боки 13 се гордее со своето пријателство со македонскиот премиер Зоран Заев“ весникот објавува нови четири аудио снимки меѓу Бојан Јовановски и Орце Камчев.
Во два од нив во кој се разговара за проседурата за враќање на пасошот на Камчев, за повикување на сведоци на распит во СЈО за случајот Империја, се слуша и женски глас, кој според разговорот е на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Во еден од нив, таа одговара на загриженоста на Камчев за постапките на обвинителката која го води предметот Империја, Лиле Стефанова.
-Јас сум премногу ангажирана затоа не ја држам редовно под контрола. Инаку она без мене не може ништо, вели женскиот глас, кој се слуша преку телефонот кој е ставен на звучник.
Во друг разговор каде повторно се слуша истиот женски глас, овој пат,му објаснува на Камчев дека тоа што во СЈО на распит биле повикани повеќе лица во врска со Империја од фирмите кои се во сопственост на Камчев, меѓу кои и братот на неговата сопруга, било за да „има помалку активности во сприл“, на што Боки вели дека е техничко прашање, а Камчев одговара со „Шминка, шминка…“.
Во последниот од објавените разговори, Боки го информира Камчев за средба со Заев.
БЈ: Утре се глеам со него
ЈК: Со Дејан?
БЈ: Не
ЈК: Со Жаре?
БЈ: Со Зоки.
ЈК: Со Зоки?
БЈ: Со Заев.
По вчерашната објава на Ла Верита каде за првпат се слушна гласот на Јанева на снимките, таа ја потврди автентичноста на разгворот со Камчев, но тврди дека за тоа имало оправдана причина.
„Како Специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на информации како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно“, се вели во писмената изјава на Јанева.
Обвинителката Лиле Стефанова чие име се споменува во денеска објавените аудио – снимки од разговворите меѓу Боки 13 и Орце Камчев, во писмена изјава пак, тврди дека осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделевски се обиделе да извршат влијание врз предистрага за Империја, користејќи го нејзиното познанство со Ванчо Чифлиганец, кој како што вели Камчев во еден од разговорите му побарал дуќан за стоматолошка ординација за Стефанова.
Стефанова исто така во изјавата тврди дека Јанева му го укинала кучниот притвор на Камчев и му го вратила пасошот, иако таа како обвинител која го водела предметот Империја не се согласила со тоа.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески за НОВА вчера најави дека сите инволвирани ќе бидат сослушани или распитани, но поради доверливоста на постапката однапред не може да се соопшти што презема Обвинителството и дека истрагата трае без разлика на годишните одмори.
Премиерот Заев вчера на Фејсбук само кусо напиша дека „истрагата мора да ги открие сите детали, секој да одговара за своите постапки, граѓаните заслужија правда“.
Видеото ТУКА