Од скоро, музиката стана привилегија и на мачките, покрај на луѓето.
Треба да му се заблагодарат (а нема, дека се такви – никакви) на композиторот Дејвид Теј, кој тврди дека со подесување на инструментите и звуците на мачја фреквенција, создал музика која им е пријатна на ушите на овие животни.
„Сакам да создадам музика за различни видови животни. Почнав со мачките, зашто ги имам како миленици“, вели Теј во едно интервју.
Делува како да се работи за трик или измама, ама научните експерименти докажуваат дека мачките навистина уживаат во неговите (барем засега) две композиции. Неговата „мјаузика“ имала добар прием кај 77% од мачките ангажирани како тест-субјекти во експериментот на универзитетот во Висконсин. За споредба, само 38 отсто од мачките покажале знаци на уживање кога им го пуштале Бах.
Многумина сметаат дека „мјаузик“ е од голема корист во лечење на мачките, бидејќи ги опушта. Па, трк по мачката и тестирајте. Ако не и е по ќеиф, пробајте со Бах.