Словенецот Ларис Гајсер најавува ,,потенцијално нови снимки“

Италијанскиот новинар со словенечко потекло Ларис Гајсер, кој за пошироката македонска јавност стана познат со објавувањето на снимените разговори за случајот „Рекет”, денеска на интернет изданието на весникот „Ла Верита” објави видео колумна во која главна цел на напади се Европската унија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност во заминување, Федерика Могерини.

Гајсер во колумната прашува зошто Брисел молчи за случајот во земјава со објавените снимки од разговорите меѓу Бојан Јовановски (Боки 13) и Јордан „Орце“ Камчев, нагласувајќи дека се чуди како нема реакција од Могерини и актуелниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кои според него, „силно инсистирале за специјалната обвинителка“.

„Во 2015., токму ЕУ инсистираше за СЈО, што му нанесе многу штета на македонскиот народ. Сега тие од ЕУ задолжително би требало да одговорат, особено на оние внатре во македонската администрација(?!), коишто во изминатите месеци го ризикуваа животот помагајќи ни во објавувањето на материјалот, убедени дека сѐ уште е возможно да се има вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите“, пишува тој.

Вели дека редакцијата на Ла Верита ќе прави проценка дали е правно изводливо објавување на потенцијално нови аудио и видео снимки.

- Реклама -