Слободен влез вечерва на концертот на оркестарот на „Фаме’с Институт“

Вечерва, 15 јули, ќе се одржи ексклузивниот концерт на FAME’S Институтот, предводен од Маестро Веско Ешкенази, Концерт мајстор на Концертгебау, во Камерната сала во Филхармонија, со почеток во 20:30 часот, како дел од Семинарот 6 „Оркестарски курс за класична музика“.

Ешкенази ќе настапи како солист и диригент на концертот, а на програмата ќе бидат изведени прекрасната Серенада за гудачи од Чајковски и популарното Лето од Вивалди. Како гостин концерт мајстор, а воедно и ментор на курсот, ќе настапи и виолинистот и професор Евгени Ноев од Бугарија.

Концертот е во соработка со Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

КОНЦЕРТ на Оркестарот на FAME’S Институт
Диригент/Солист: Веско Ешкенази
Концерт мајстор/Ментор: Евгени Ноев
Програма: A. Vivaldi: Summer
P. I. Tchaikovsky: Serenade for Strings

ВЛЕЗ СЛОБОДЕН

ФАМЕ’С европскиот оркестарски изведувачки институт претставува музички образовен центар кој што е создаден во рамките на компанијата ФАМЕ’С која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Институтот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа, во полето на оркестарската музика, како дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE). Фокусирајќи се на креирање можности за младите таленти, програмата обезбедува едукација и разновидни оркестарски практики, истражувајќи нови стилови, збогатувајќи го репертоарот со нови композиции итн. Оваа програма овозможува високо професионално ниво на обука, пракса, менторирање и изведби, преку новите методологии и технологии кои се овозможени во студиото на ФАМЕ’С.

Преку различни дигитални платформи, проектот се стреми и кон развој на нова публика, пренесувајќи ги искуствата и културниот диверзитет на европското музичко наследство.

Овој институт континуирано е домаќин на млади музичари од различни земји од Европа, како и врвни музички уметници кои ги раководеа активностите на овој семинар, меѓу кои: Тимоти Редмонд, Колсимча бенд, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Куареим Квартетот, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Игор Корети, Оливие Дежурс, Емили Дејвис, Ирина Муресану, Јан Банг, Танго 5/4, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи и Петер Барсони.

Веско Ешкенази е концерт-мајстор на Оркестарот Концертгебау од јануари 2000 година, откако претходно ја зазеде истата позиција со Камерниот оркестар на Холандија и Холандската филхармонија. Меѓу неговите награди се оние на натпреварот „Виејавски“ во Полска (1985 година) и на натпреварот „Карл Флеш“ во Лондон (1988 година). Во 2010 година е избран за музичар на годината во Бугарија. Настапуваше како солист со Кралската филхармонија и Лондонската филхармонија под диригенти како Јури Башмет, Колин Дејвис, Карло Марија Џулини, Курт Масур, Сеиџи Озава и Мстислав Ростропович.

Евгени Ноев Николов започнал да свири виолина уште од рана возраст и дипломирал на бугарското национално музичко училиште „Л. Пипков“ во класата на проф. Евелина Арабаџиева. Своето образование го продолжил на бугарската Национална музичка академија „Панчо Владигеров“, каде што дипломирал и магистрирал под раководство на проф. Петар Христосков. Од јануари 2024 година е концерт-мајстор на оркестарот на Софиската опера и балет. Во 2018 година, заедно со сопругата, италијанската пијанистка Татјана Мајони, го основа дуото Артихармонија, со кое се активни преку бројни музички проекти на националната и меѓународната сцена.

- Реклама -