Денес во Сараево, во Башчаршија, се одржа првиот меѓународен фестивал посветен на моделот на Фиат по кој сме најносталгични – Фиќо Фест. Љубителите од цела Европа се собраа за да го прослават неговиот 62-ри роденден.
Според Фадил Черимагиќ од здружението „Fićo-klub“, на фестивалот можеа да се видат 66 примероци на сопственици од сите делови на Европа, иако најмногу од регионот. Како што вели Фадил, нивното присуство е доказ дека првата љубов не се заборава, и дека многу од нив се носталгично врзани за своите Фиќовци.
Најстариот изложен беше моделот од 1957 година, а еден од најинтересните, особено за децата, беше 600D на сопственик од Суботица – модел од 1961 година кој своевремено го користела југословенската милиција.
„Се произведуваше од 1960-та до 1962 година. Послаба верзија е од таа со 18 коњски сили, така да, баш и не сака брда, но штом стигнавме од Суботица, значи дека е сосема ОК. Може да оди 90 км на час, а сé друго е мачење. Може побрзо само ако се ‘залауфа’ на удолница, ама па тогаш не може да застане, бидејќи кочниците се стари“, раскажува Јосип Неис, сопственик на Фиќо-то.
Фадил Черимагиќ пак, кој е и организатор на Фиќо Фест-от, раскажува дека со членовите од Европската асоцијација, на која сега и самиот е член, се запознал токму преку потребата и потрагата по резервни делови за своето Фиќо. Вели дека потребата од меѓусебна помош ги зближила. Во меѓувреме неговото семејство го убедило да се зачлени и еве, и да организира Фиќо Фест во Сараево. Следниот Фиќо Фест ќе се одржи на 2 септември во Граз, Австрија, па потоа и во Швајцарија и Германија. Черимагиќ е изненаден од бројот на Фиќовци што ги има низ западна Европа. Вели дека тоа е уште еден доказ дека првата љубов не се заборава.
Fiat 600 прв пат е претставен во 1955 година, на саемот на автомобили во Женева. Zastava исто така почна да го произведува во 1955 година, по лиценца на Fiat 600. Моделот на фабриката од Крагуевац носеше назив Zastava 750, но сите го викаа нагалено – „Фиќо“.