Лидерот на „Има таков народ“ – Слави Трифонов, побара од новиот состав на бугарското Народно собрание веднаш да го врати ветото за преговорите на Македонија со ЕУ, како одговор на овде започнатата процедура за измена на законот за здруженија, со кој ќе се забрани именување според личности поврзани со фашизмот.
Според Трифонов, целта, која ќе се исполни со овој закон, е да се забранат сите бугарски здруженија именувани по херои од бугарската историја, но и, тврди тој, и македонската подалечна историја.
„Зошто што е Иван Михајлов за Македонија освен херој?“, се прашува Трифонов, оценувајќи дека „прогонот против сè што е бугарско во Северна Македонија продолжува со полна сила“ и дека, по падот на бугарското вето, добил уште поголеми и погрди пропорции, што не е, вели Трифонов, изненадување.
„Ако Европската унија сè уште држи до човечките вредности што ги прокламира, треба веднаш да ја замрзне кандидатурата на Северна Македонија за членка на унијата. Северна Македонија уште еднаш покажа дека не е држава достојна за унија во која човековите права и правото на самоопределување се фундаментални“, заклучува лидерот на ИТН.
Според него, чекорите што Бугарија треба да ги преземе се јасни; Прво, бугарското МНР треба да го повика амбасадорот на земјава во Софија за да даде објаснувања, а второ, и најважно, вели, е бугарскиот парламент да го врати ветото.
„Бугарија е секаде каде што има макар и еден Бугарин. Но, прашањето е – има ли Бугари во нашиот нов парламент кои го разбираат ова и на кои им е гајле? Останува да видиме“, коментира Трифонов.