Уникатни скулптури од дрво и од клинци

Корејскиот уметник Џаехо Ли создава уникатни скулптури користејќи дрво и челик што не ’рѓосува во неговите изработки.

Џаехо Ли ги изработува овие тридимензионални декоративни парчиња со помош на широка палета природни материјали, како дрво, гранки и листови, но употребува и шрафови и клинци од челик што не ’рѓосува. Потоа материјалите ги сече и ги обликува во правилни геометриски форми, што варираат од полутопки до цилиндри.

Всушност, геометриските скулптури се мошне едноставни во формата, а тоа ги прави дополнително атрактивни, бидејќи акцентот се наоѓа во материјалите што се употребени, а не во обликот на финалниот производ.

Дрвените парчиња се составени од повеќе трупци споени заедно, формирајќи елегантни парчиња мебел во различни форми. Тој, исто така, ги гори дрвата и на тој начин ја менува нивната боја.

Скулптурите изработени од шрафови и клинци, пак, се изработени со поинаков пристап, бидејќи наместо да ги крие тврдите материјали, уметникот ги витка и ги обликува и на тој начин го акцентира челикот. Користи подлога од црн јаглен на која ги реди светкавите метални клинци.

Тој вели дека за него уметноста е во материјалите што се употребуваат, затоа што без нив делото не би постоело. Објаснува дека сака да ја прикаже природната и едноставна страна на голите материјали што ги користи, односно дрвото и челикот. [Wooden sculptures by Jaehyo Lee]

- Реклама -