Во среда на 17 јули во 20.30 часот, во куќата на ДЛУМ, ќе се отвори Изложбата Скопски урбани приказни 2024, која е дел од манифестацијата Скопско Лето.
Базирајќи ја идејата на годинешното издание на „Скопски урбани приказни“ врз поимот „дом“, почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
Еманирајќи од познатата сентенца на нобеловецот Нагиб Махфуз – „Домот не е каде што си роден, домот е каде што сите твои обиди за бегство престануваат“, премисата „дом“ како место, живеалиште или засолниште, е проширена на повеќе слоеви на исчитување, но и чувствување. Во повеќето толкувања, кои можат да се и антагонистички, присутни се следните моменти: флуктуација на домот – (не)статичноста на просторот каде се поврзуваат и интерконектираат минатото со сегашноста и иднината, (не)постојаноста или (не)променливоста на истиот, реалноста и имагинацијата, присуството и отсуството…
Домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи (како што е примерот за „неистражената“ историја на „новиот“ дом на ДЛУМ) е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи. Уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски, преку различни медиуми и инакви перцепции ги претставуваат своите толкувања за Домот не само како физички димензионирана структура, туку и како (ин)директно чувство на припадност, опуштеност и сигурност, како простор кој ја дефинира идентитетската определба, утопијата, реалноста.