Скопската пожарна вчера добила 29 дојави за пожар од кои 7 лажни, Симоновски вели не се памети ден како вчерашниот

Сите пожари во скопскиот регион на кои се интервенираше вчера – се изгаснати. Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во текот на вчерашниот ден имала 29 дојави за пожар од кои е интервенирано во 22 случаи, а 7 дојави биле лажни.

„Не се памети ден како вчерашниот. Досега не сме имале 22 интервенции за помалку од 24 часа. Првата дојава беше околу 10 часот, а последната во 21:45 часот“, изјави за МИА командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Состојбата во поранешната фабрика „ОХИС“ е стабилна, а денеска е изгаснат и пожарот над Сарај кон „Јасен“.

Оценките на пожарникарите се дека дел од пожарите се подметнати.

„Нашите досегашни искуства покажуваат дека дел од пожарите се подметнати“, вели Симоновски.

Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во моментот има една екипа испратена во пехчевско-делчевскиот регион.

Секаде каде била побарана помош, како што изјави Симоновски, биле испратени екипи притоа водејќи сметка да не се доведе во прашање безбедноста на граѓаните во Скопје.

Вчера Град Скопје апелираше до граѓаните да се однесуваат одговорно и да не го злоупотребуваат телефонскиот број 193, бидејќи во случаи на пожар секоја секунда е важна и може да загрози или спаси нечиј живот.

- Реклама -