Скопје гитар фестивал

Со „Концерто Оп. 30“ од Мауро Џулијани, аранжиран за класична гитара и придружба на гудачки квартет во изведба на Борче Наумовски и „Трио нуево“, овој петок, на 4 декември, во салата „Фросина“ во МКЦ, во 19 часот, ќе започне второто издание на Скопје гитар фестивал.
Седум артисти од светот на класичната и четири бендови од популарната музика во рамките на концертната платформа и неколку предавања и инспиративни работилници во едукативниот дел, ја чинат програмата на годинашното, второ издание на Скопје гитар фестивал, манифестацијата што е предвидено да се одржи од 4 до 6 декември, во Младинскиот културен центар во Скопје, а чиј потписник како организатор е здружението на гитаристи „Бастет“.

12294916_442366989297630_4931257796412822122_n-650x459

Годинешниов фестивал ќе започне со изведба на „Концерто Оп. 30“ од италијанскиот композитор Мауро Џулијани, аранжиран за класична гитара во придружба на гудачки квартет, на Борче Наумовски и Трио нуево. Веднаш потоа, со изведба на класични дела од Бах, Дуарте и Лауро, ќе настапи Бекир Сејфула, а потоа и Љубомир Наќевски, кој со Трио нуево, ќе ги донесе оригиналната изведба на познатиот концерт во Ре-мажор на Антонио Вивалди, популарното „Tango en skai“ и други дела на Роланд Диенс и Астор Пиацола, аранжирани за класична гитара и гудачки квартет.

Следуваат Кабадајас, бендот што го чинат Џоле Максимовски – бас гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Нивната музика е жанровски слободен микс од традиционални мелодии и ритми кои излегуваат од границите на македонската звуковност, длабоко навлегувајќи на територија на џез фузија, фанк, драм енд бејс и даб ритми.

Конечно, првата фестивалска вечер ќе финишира со пеформансот на Фирс, џез дружината која носи нова енергија на сцената, а неодамна го објави својот деби албум. Зад ова име од 2012 година наваму стојат гитаристот Горјан Стојменовски и Виктор Филиповски на тапани и перкусии, а актуелната постава ја сочинуваат и Марко Василевски на бас, Борислав Веселинов на алт саксофон и Сенад Усеин на труба.

Вториот ден најнапред ќе ги понуди работилниците на професор Дарко Багевски и басистот Максимовски, потем ќе следува и аудицијата за концертот на „Следната генерација на СГФ“, по што публиката на првото звучно патување со концерт посветен на камерната музика за класична гитара ќе ја поведат Дејан Лазаревски и Виктор Пешчеров. Дуетот ќе изведува дела од јужноамериканските модерни композитори Пиацола, Кардосо, Абриу, Пујол, Переира и српскиот гитарист и некогашен професор на ФМУ – Воислав Ивановиќ.

По нив Јетмир Мехмеди ќе го претстави својот концептуален „Музички времеплов“, младиот гитарски виртуоз Стефан Волчевски ќе одржи солистички концерт со одбир на дела од класичната литература, за да ваквиот програмски блок биде заокружен со настапот на ФМУ Гитар квартет што го чинат ученици на професорите Багески, Ереш, Цветковски, Трајков и Кучи.

Screenshot_20-650x414

Втората вечер ќе ја затворат Минстрелс галери, македонскиот прогресив бенд формиран во 2013 година од Слободан Танасковски – вокал, флејта и клавијатури, Даме Јовановски – бас гитара, Кристијан Тодоров – тапани и Виктор Танасковски – гитара. Хард рок, келтски фолклор, средновековна и ренесансна музика, хеви метал, блуз, џез и психоделија се дел од оригиналниот репертоар на оваа необична дружина.

Третиот и последен ден на Скопје гитар фестивал, го чинат работилница за индивидуална настава по гитара, презентација на гитари од До Ре Ми – Јамаха и настапите на „Следната генерација“ и лани формираниот СГФ џез квартет, зад кој со својот изведувачки габарит и имагинација стојат докажаните инструменталисти и педагози Јанко Пенов и Владимир Чадиковски на гитари, контрабасистот Мартин Јосифовски и Јовица Георгиевски на тапани.

Скопје гитар фестивал, како значајно музичко случување со национален предзнак, во перспектива претендира да добие и меѓународен карактер.

Извор: Радио Слободна Европа

- Реклама -