Скопјани на кастинг!

ekipa1.jpg Во среда, 11-ти март, во скопскиот клуб „Сектор 909“ на концептуалната
вечер насловена како „Видеодром“ започнува првата активност од јавен
карактер на филмската продукција „Ново Македонско Видео“ со нивниот
аудио-визуелен проект „Д’ Скопје„.

Во среда, 11-ти март, во скопскиот клуб „Сектор 909“ на концептуалната вечер насловена како „Видеодром“ започнува првата активност од јавен карактер на филмската продукција „Ново Македонско Видео“ со нивниот аудио-визуелен проект „Д’ Скопје„.

Авторите на омнибус филмот посветен на градот Скопје, со желба за постигнување на автентичност во филмот одлучија да им дадат шанса на сите оние кои сакаат да дадат актерски придонес кон овој филм а притоа немаат актерско образование.

Ова ќе биде првиот од серијата кастинзи кои ќе се прават со цел да се вклучат жителите на овој град како дел од актерскта екипа. Во клубот ќе биде обезбедено специјално „кастинг ќоше“ каде во текот на вечерта скопјани ќе бидат фотографирани и ќе имаат можност да го изразат својот талент, да станат дел од првиот филм посветен на градот Скопје.

Идејата за овој проект се роди од револтот на оваа група филмски автори кон трендот во македонската кинематографија да се продуцираат само филмови кои се занимаваат со тешки, неразбирливи, рурални, интровертни, негативни теми, полни со несреќа, нихилизам, војни, зло, кои кај публиката предизвикаа одбивност кон македонскиот филм.

„Д‘ Скопје“ е спротивност на овој тренд. Се занимава со градот кој сите го сакаме и кој е наш дом, на чии мани сме се навикнале, а со чии доблести се гордееме. Се занимава со љубовта, емоцијата која како сите да ја заборавија, а која за среќа сеуште ја врти оваа наша мала планета. 

Пред-предукцијата на овој филм е во финална фаза, а продукцијата официјално започнува во среда, 11ти март, со „првиот кадар“ на анимираниот филм „Поган Паган“ на режисерот Срѓан Јаникиевиќ, кој е првиот во серијата кратки приказни од омнибусот.

Главниот финансиер на овој филм е Министерството за култура на Р. Македонија т.е Филмскиот фонд, со кои досегашната соработка тече одлично и е на високо ниво.

ekipa.jpg

Повеќе за „Д‘ Скопје“:
“Д’ Скопје” е игран филм составен од повеќе љубовни приказни кои ќе бидат сместени во Скопје а ќе бидат изработени од повеќе режисери кои имаат дипломирано на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Преку овие приказни треба да се прикажат убавите и модерните страни на Скопје кои што ќе бидат зачинети со легенди кои ќе му дадат посебност и уникатност на овој град, за која што не знаат многу луѓе надвор од нашата земја. Сепак филмовите доминантно се бават со личното гледање на Скопје од страна на авторите кое често е полно со фантазија па дури и измислени факти.  

Секој од филмовите ќе обработува посебна љубовна тема или нејзин аспект. Преку филмот ќе биде промовира македонската уметност на неколку различни нивоа и начини. Еден од поважните елементи е музиката и музичката сцена која што во последно време е во подем и која што ќе биде нераздвоен дел од овие филмови. Во секој од филмовите ќе се појави по една македонска музичка група или бар еден нејзин претставник кој што ќе земе учество и како глумец. Македонските сликари, скулптори и мултимедијални уметници ќе имаат можност да бидат дел од овој филм и да учествуваат во него, презентирајќи ги своите дела на еден индиректен начин. Иако филмот ќе биде составен од повеќе различни приказни,  сепак тие ќе се испреплетуваат на повеќе нивоа и начини, создавајќи една кохерентна филмска структура. „Сето ова “Д’ Скопје” го прави комплетен проект кој што ќе ја опфати современа македонска уметност на едно место и ќе ни дозволи да ја претставиме достојно нашата уметност и култура ширум светот“ – вели Борјан Зафировски, продуцентот на „Д’ Скопје“ а воедно и еден од режисерите и креаторите на проектот.

- Реклама -