ŠKODА OCTAVIA 1.6 TDI: СЕПАК, СКАЛИЛО ПОГОРЕ!

Чешката нова лимузина делува за класа посериозно, управувањето е подобро, а и комфорот е за степен повеќе.

Новата Octavia сега е со должина од 4.660 mm (+90 во однос на претходникот), со меѓуоскино растојание од 2.686 (+108 mm), што е за само 20 mm помалку од Passat, па многумина ја вбројуваат во D-сегментот, но има аргументи по кои е многу поблиска до компактите, отколку на средната класа. Како и да е, тоа е вечна тема за овој модел, од неговиот старт на производството, па и сега…

Откако минавме одреден период зад управувачот на новата, трета генерација на Octaviа, повеќе од јасно е дека експертите од Škoda(иако првиот впечаток е сосоема поинаков) вложиле многу од своите знаења, искуства… во развојот на овој автомобил. Сосема разбирливо, бидејќи од бестселерот се очекува најмногу, а во своето трето издание навистина моделот нуди-најмногу! Како и што се очекуваше од несомнено најбрзорастечката компанија на европскиот континент, на ова поле е направен голем исчекор, па новата Octavia може да се пофали со нови технологии, помодерни мотори, функционалност, избор на поквалитетни материјали…, но и поголема практичност и пространост.

Веќе на прв поглед ни беше јасно зошто новата Octavia предизвикува толку контроверзии околу својата сегментска припадност. За разлика од фотографиите во живо возилото изгледа далеку поголемо и пораскошно и наш став е дека не може да се стави во ист кош со Golf, Megane, Astra, 308-ката и останатите од компактната класа. Истата полемика беше и со првата и втората генерација на бестселерот, но овој пат работите стојат поинаку. Како и да е од Škodа решиле малку да го преправат веќе добро испробаниот рецепт за успех и очекуваат нови вредни постигнувања.

Експертите велат дека на темелите на модуларната MQB платформа, третото поколение на Octavia, е концепт на петвратен компакт во варијација на триволуменска форма која е дополнително унапредена и со право повторно ја има титулата најпростран автомобил во класата, со багажник од 590 литри за кој може да „сонуваат“ и многу поголеми автомобили.

Кога е во прашање изгледот на оваа трета генерација, тој е детално разработен од дизајн студиото, со нагласок дека мора да се избегнат сите излишни линии и украси на каросеријата, па со едноставни облици и чисти површини да се создаде креација со трендовски стајлинг. По се изгледа во тоа и успеале, бидејќи Octavia не автомобил по кој ќе го свртите погледот поради изгледот, туку затоа што е складна и модерна, а таква ќе остане долго време. Деталите со кои се истакнува оригиналноста се стоп светлата во облик на „С“ буквата, предната маска со вертикални „шипки“ и капак на моторот во V облик, каде ударно е поставено логото на Škoda. Нема некои радикални промени, но сепак сето тоа е така „скроено“ и изгледа поинаку од претходните две генерации. Поршеовата формула со 911-ката, како и онаа на VW со Golf…, која има совршен клуч за успехот е сепак во семејството. Нели!

Во однос на претходничката Octavia порасна значително во должина и широчина. Новиот модел е 90 mm подолг и 45 mm поширок. Во исто време и меѓуоскиното растојание е зголемено за 108 mm, што е гаранција за многу повеќе простор во внатрешноста. Сега има доволно простор на задните седишта, соодветно на она што го нуди поголемиот Superb.

Најголем видлив напредок Octavia донесува во уредувањето на внатрешноста. Овој пат во Škodа се потрудиле сите материјали кои се на дофат на рака да бидат значително поквалитетни. Би рекле дека внатрешноста не отстапува многу од она што е имплементирано во седмата генерација на Golf, за кој во повеќе наврати сме напоменале дека е на премиум рамниште. Секако не треба да се заборави во ниеден момент на хиерархијата во рамките на VAG концернот, па присутни се детали како облогите на вратите, на централниот „гребен“, кои се изработени од погруба и евтина пластика.

Покрај многу простор секако патувањето во возилото е подобрено и заради звучната изолација. Поради нискиот степен на бучавост и вибрации, внатре е сосем пријатно, иако станува збор за дизелска изведба. Благодарејќи на тивкото возење Octavia на уште еден начин кокетира со автомобилите кои се за еден сегмент погоре.

Седиштата се одмерено меки и многу поудобни од порано. Кон ова треба да напоменеме дека комбинацијата на бои е наменета за различни вкусови. Пофалба заслужуваат и големиот број паметни и практични решенија во самиот модел, а посебно место зазема багажниот простор, кој се каратеризира со врвен капацитет, едноставност и функционалност. Волуменот е дури 590 литри и располага со практични мрежи, па можете да ставите било какви предмети.

Во моделот што го управувавме беше опремен со бездруго најпосакуваниот агрегат за македонскиот пазар. Дизелски со зафатнина од 1.598 кубни сантиметри и максимална моќ од 105 КЅ при само 3.000 вртежи во минута. Кај поголем дел од конкуренцијата за ова се потребни 4.000 вртежи, па поради овој факт делува како да има десет коњи повеќе. Штедливоста е неговиот најголем адут. Поради голем број компоненти таа е доведена до 3,8 литри (фабрички податок) на 100 километри, што е за 15,6% помала во однос на претходникот.

По ова најдобро може да се заклучи колку е Фолксвагеновата технологија напредна. Моторот работи рамномерно и тивко, а главна особина му е и солидниот вртежен момент од 250 Nm, кој е на располагање од 1.500 до 2.750 вртежи во минута, па петстепениот менувач со долга петта брзина е сосема доволен. Одлично спакуван состав кој на оваа лимузина и овозможува забрзување до стотка за 10,8 секунди и максимална брзина од 195 km/h.

За врвните перформанси и високиот степен на економичност своја заслуга секако има и аеродинамичноста, но и покрај поголемите димензии и за 100 килограми полесната изведба, за што е „виновна“ концепцијата downsizing, како и користењето на челик со висока цврстина. Секако тука е и потпирањето, кое како и кај другите модели од Концернот се нуди во две верзии на задната оска. Моделите со моќ до 110 kW пристигнуваат со едноставно решение на торзиона оска, додека помоќните верзии, како и Scout варијантата, се опремени со мултилинк. Рака на срце во тестниот модел оваа опција на потпирање нуди солидни решенија. Автомобилот има добра управливост, одлично лежи на подлогата и ги потврди своите добри возни свијства дури и во свиоците. Со вакво потпирање и квалитетниот управувач оваа Octavia може добро да „повлече“ и  делува сигурно и уверливо. Во решенијата кои влијаат на потрошувачката секако е и Green Tec (Start/Stop систем) и опцијата за регенеративно сопирање.

За безбедноста и сигурноста тука се големиот број системи и состави кои се нудат и во сериска опрема. Во моделот кои го имавме на располагање со ниво на опременост Ambition имаше ABS, EBD, BAS, ESP, TCS, Hill Assist, MSR, EDS, како и возачки систем за предупредување.

Основната цена на тестниот модел е 16.690 евра, а со пакетот што е вграден достигнува до 18.760 евра. Сепак (цената потврдува) е ова автомобил од повисока класа, а не „старата“ Octavia?!

shkoda

- Реклама -