Скиентологија: Култот на алчноста

Што е Скиентологија? На што не учи таа? Многу од граѓаните на Македонија воопшто не се свесни за нејзиното постоење, ниту за опасностите од неа. Деновиве, кога таа е во центарот на светските медиуми и низ улиците на Скопје во форма на „бесплатен стрес тест“, решивме да направиме детално истражување за суштината и целта на Скиентологијата, пред граѓаните да го оправдаат и прифатат, односно осудат нејзиното постоење.

Што е Скиентологија? На што не учи таа?

Скиентологијата ја сочинуваат селектирани принципи и методи на психоаналитички, медицински, филозофски и религиозни учења и поврзани техники,  развиени од американскиот автор Лафајет Рон Хабард. Низ период од 30 години, почнувајќи од 1952 година, таа се стекнува со провокативната дескрипција –  филозофија за самопомош, односно систем за само-лекување познат како Дијанетика. Хабард развил една егзактна методологија која треба да им помага на луѓето да станат свесни за нивната духовна егзистенција, да научат да живеат повеќе животи  симултано, а со тоа да станат и поефективни во физичкиот свет. Името „Скиентологија“ (анг. Scientology) се однесува на контроверзната „Црква на Скиентологијата“, најголемата организација која го промовира учењето на Скиентологијата.

Потврдена цел на Скиентологијата е да го „рехабилитира“ тетанот (груб еквивалент на човечка душа), со што душата повторно би се стекнала со основната состојба на „целосна слобода“. Иако некои групи и неколку влади ја прифаќаат Скиентологијата како bona fide (лат. добра волја) религија, „Црквата на Скиентологија“ не е ништо помалку од сериозно развиен култ на алчноста, кој се прикрива под терминот религија, понекогаш и под псевдорелигија, односно транснационална корпорација.

Таа спроведува разновидни техники за контрола на умот на луѓе кои се намамени во нејзината средина, како би можела да се здобие со контрола на нивните  животи. Главно, нејзина цел е да стигне до материјалното, конкретно до финансискиот извор на приклонетите поединци, или пак истите да ги зароби во „компензација“ за нивниот труд кој речиси никогаш не е реципрочен.

Од многуте изјави во врска со оваа религија, би сакале да ја цитираме можеби најпознатата реченица на основачот на Скиентологијата Л. Рон Хабард, кој вели: „Пишување по еден збор за едно пени е смешно. Ако човек сака да направи милион долари, најдобриот начин е да започне негова сопствена религија.“

Потекло на Скиентологијата

Очигледно е дека основоположникот на Скиентологијата, Л. Рон Хабард,  при креирањето на „Црквата на Скиентологија“ искористил  голем број претходно постоечки идеи, иако презентирал многу малку цитати или коментари за изворите кои му помогнале, го упатиле или го инспирирале. „Црквата на Скиентологија“ себе се презентира како комплетно оригинално дело, а „изворот“или творецот е Хабард лично.

Таа рекапитулира, создава и се води од идеите кои Хабард ги претставил во Дијанетиката, поранешен систем на техники за самоподобрување, земени од неговата книга „Дијанетика: Модерна наука за менталното здравје“, печатена во 1950 година. Во тоа колку Дијанетиката е модерна денес, по повеќе од 50 години, не би навлегувале. Хабард го признава влијанието на Aleister Crowley и системот на генерална семантика, кој во триесеттите години на минатиот век е развиен од Alfred Korzybiski, и кој бил прилично влијателен во тогашната научно-фантастична субкултура. Во Скиентологијата се забележува  влијанието на Хинду концептот за карма, како и психолошките теории на Зигмунд Фројд, Карл Јунг и Вилијам Саргант, а во голем дел таа наликува и на Будизмот.

Социологот Дејвид Г. Бромли од институтот во Вирџинија ја опишува Скиентологијата како „квази-религиозна терапија“ која наликува на Фројдовска „длабинска психологија“.

Верувања и практика

Учењата на Скиентологијата се структуирани во серија нивоа кои го рефлектираат верувањето на Хабард дека рехабилитацијата се одвива „чекор по чекор“. Скиентолозите следат низа курсеви кои ескалираат во едно напредно, мистично, повеќеслојно скиентолошко учење. Патот на учење е познат  како премин, или  „Мостот на целосна слобода“ или само „мостот“, а секој чекор од мостот ветува поголема лична слобода во некоја одредена област од животот.

Некои од основните принципи на Скиентологија:

  • Личноста е бесмртно духовно суштество (тетан) кое поседува ум и тело.
  • Тетанот живеел многу претходни животи и продолжува да живее по смртта на телото.
  • Преку процесот на аудитинг (подолу објаснет) личноста се ослободува од „енграми“ (болни, несвесни спомени) и „импланти“ (слично на енграм) за да постигне состојба на „клиер“ (анг. Clear) каде таа се ослободува од сите минати спомени, емоции и трауми, за на крај личноста да ја достигне состојбата на „Оперативен Тетан“ (ОТ) – кога се функционира независно од тежините на материјалниот универзум.
  • Психијатријата и психологијата се лоши и навредливи.

Тајните за стигнувањето до нивоата на Оперативниот Тетан се учат во серија курсеви наречени нивоа или левели, означени со римски бројки од ОТ I до ОТ VIII, за кои Скиентолошката Црква има издадено строго доверливи насоки и документи. Хабард тврдел дека има напишано петнаесет ОТ нивоа (ОТ XV).

Има ли Скиентологијата позитивна страна?

Целта на применувањето на Скиентолошката психотерапија наречена „аудитинг“ е да се ослаби умот. Умот преоѓа од рационална во ирационална состојба, а конкретни содржини на потсвесниот ум излегуваат на површина, под претпоставка дека се валидни. Ова прави личноста да биде поосетлива на сугестија, бидејќи тоа ги претопува критичните мисловни делови на умот во делумна потсвесна состојба. Процесов резултира во перманентен лесен хипнотички транс, а  во таква состојба личноста може да биде полесно контролирана и лесно убедена во се што ќе и се каже. Секако, оваа процедура се користи  главно за да се наведат кандидатите постојано  да се посветуваат на култот и материјално да се исцрпуваат.

Во голем процент аудитингот се користи за да се дознае комплетниот сексуален живот на личноста, бидејќи кога се поседуваат снимени искуства, детали и фантазии од нечиј сексуален живот, или пак криминални животни искуства, тоа значи дека се поседуваат сосема доволно елементи за уцена, а со самото тоа и тотална контрола на личноста. Тука започнува теророт: лажни обвинувања и уцени од типот „Не би сакале некој да дознае дека имате љубовница нели? Тогаш поминете на аудитинг сесија“. Скиентологија теоретски го поткрепува своето постоење со објаснување дека им помага на луѓето кои сакаат да се чувствуваат подобро, на оние кои сакаат да ги решат проблемите и да го зголемат својот IQ. Но всушност, тоа е пирамидална хиерархија, игра на моќ која удира по егото на човекот и апсолутно не е засегната за индивидуалните  карактери и нивните најразлични маани и проблеми.

time-pg3-4

Со применувањето на Скиентолошките правила во принципот на нормално живеење, се губи способноста за рационално и логично мислење, а личноста која ја губи способноста да размислува сама за себе, ја губи и способноста за самокритичност и преиспитување на сопствените идеи, и како таква станува лесно контролирачка. Скиентологијата своите жртви ги изолира и алиенизира од општеството, така што тие се повлекуваат од секојдневието и околината и преоѓаат во „друштвото на Скиентологијата“.

Процесот ја зголемува чувствителноста и несигурноста на поединците, а психичките промени ескалираат во страв од општеството, верување дека тоа е контролирано од група фармацевтски компании, психијатри и финансиери кои им поднесуваат извештаи на своите далечни шефови… Со други зборови, тие се во состојба на масовна параноја и затоа избегнуваат весници и телевизија, бидејќи со тоа би можеле да го нарушат нивното „безбедно постоење во светот на Скиентологијата“.

Со други зборови, тоа е една надолна спирала која не води кон ништо друго, освен кон лудило.

Новите членови на редот добиваат и паметно изработен софтвер кој ги филтрира, па дури и блокира сите сајтови кои ја критикуваат Скиентологијата.  Ова на некој начин  е најбезбедна  можност за  контакт со светот, кој обично е сведен на интерно комуницирање во рамките на  скиентолошките групи.

Кодот на честа во Скиентологијата е одбележан со предговор кој вели „Никој не очекува ’Кодот на честа’ да биде буквално и тесно сфатен“. Еве неколку извадоци од него:

  • Никогаш не ја повлекувајте верноста која еднаш е дозволена
  • Никогаш не напуштајте група на која и ја должите вашата поддршка
  • Никогаш не се плашете да повредите некого за праведна причина

Научно фантастичниот дел скиентолозите го дознаваат кога ќе стигнат до состојбата наречена “Clear”. Можеби „испрани во мозокот“ би бил поадекватен збор за да ја опишеме менталната состојба на некој што го преживеал презентирањето на својот потсвесен ум како „вистина“. Во повисоките ОТ нивоа, или во надсостојбата „Clear“, скиентолозите се среќаваат со приказната за Ксену. Накратко, Ксену е личност која ја собира целата популација од овој сектор на галаксијата и ги носи сите на Земјата, за потоа истите тие да ги истреби со хидрогенски бомби.

Душите на овие убиени луѓе, кои се наречени „телесни тетани“, влегуваат и ги напаѓаат нашите тела. Во напредните нивоа на Скиентологијата личноста ги отстранува овие тетани телепатски преку „аудитинг“, со тоа што ги наведува повторно да го искусат нивното истребување со хидрогенска бомба. Тотално лудо, нели!? Многу скиентолози сосема полудуваат во овој степен од скиентолошкиот процес. Сепак, приказната е комплетно вистинита и дел од верувањата на Скиентологијата.

Од страна гледано, Црквата на Скиентологијата изгледа разумно. Нездравата содржина и се открива на личноста кога „воведните работи“ ќе си го завршат своето и кога личноста ќе почне да верува дека Скиентологијата и прави добро. Тогаш Скиентологијата ги убедува  да и помогнат на нивната ново-формирана група со донирање пари или работа во организацијата речиси за беспари. Многу луѓе го прават токму тоа, работат најразлична работа во центрите за промоција на култот и неговите активности. Би можело да се каже дека тоа е „подобрата“ варијанта, меѓутоа не сите приврзаници завршуваат исто. На интернет има многу сајтови посветени на сите оние кои умреле од алчната рака на Скиентологијата. Се прашувате како?

Многу млади, трауматизирани, наивни луѓе со лични проблеми се наведувани во Скиентологија, со ветување дека таа ќе им помогне да ги совладаат животните препреки, дека ќе им го олесни емоционалниот товар и сл. Но всушност, се работи за олеснување на финансиите и додека тие се свестат колку пари потрошиле на сесии, веќе е доцна. Без пари, со веќе изгубена способност за комуникација, претходно социјално оградени, луѓето го бараат спасот и се одлучуваат на самоубиство.

time-cover

Во 1991 година новинарот на списанието Time, Ричард Бехар и неколку одговорни луѓе, беа неколку пати легално гонети заради фамата и успехот кој го доживea написот „Скиентологија: Култот на алчноста“, за судот конечно во 2001 година да ги отфрли сите тужби на „Црквата“ како неосновани и да забрани понатамошно отворање на случајот. Со тоа што поседува огромно материјално богатство, Скиентолошката Црква практикува кога некој ја критикува да го нападне со сите можни легални средства, се додека самиот не се откаже од намерата. Многу  интернет текстови се повлечени или модифицирани бидејќи самите автори не успеале да истраат во борбата за вистината.

Е-метар

scientology_e_meter_blue Е-метар (орг. Хабардов Електрометар) е електронски инструмент кој работи на батерии, произведен од Црквата на Скиентологија. Неговата употреба е од централно значење за Скиентологијата и Дијанетиката. Тој се користи така што личноста во своите раце држи две метални прачки, кои се поврзани со Е-метарот, со што се комплетира електричното коло преку кое минува струја со многу мала волтажа. Иглата на панелот на волтметарот ја покажува одбивноста која ја има личноста.

Со Е-метарот раководи аудитор. Личноста која ги држи прачките се нарекува „pre-clear“. Аудиторот го испрашува испитаникот, со што неговата реакција се прикажува на панелот.

Во 1971 година Американското судство донесе одлука во која се вели дека „Е-метарот нема докажани користи во дијагнозата, третманот или превенцијата на било која болест, ниту пак е медицински или научно способен за подобрување на било која човечка функција“. По оваа одлука Скиентолошката Црква објави дека тој ќе се користи единствено за спиритуални потреби.

_stres-2
scientology_recruiter

Е-метарот ние би го опишале како спој на автомобилски брзинометар и две метални прачки со кои маалските деца на шега би го електрифицирале секој љубопитен минувач. Неговата цена на скиентолошкиот пазар достигнува до $4350, иако во 1963 година американската влада утврдила дека се потребни $12.50 и околу 80 минути за да се направи функционален Е-метар.

patent-1 patent-2

Супресивна личност

Супресивна личност е термин користен во Скиентологијата за да се опишат „антисоцијалните личности“ кои според основачот Л. Рон Хабард, сочинуваат 2,5% од светската популација. Литературата на Скиентолошката Црква го користи овој термин за оние кои таа ќе  ги окарактеризира како непријатели, поточно оние кои го задушуваат, потиснуваат и угнетуваат прогресот на скиентолозите и  скиентолошкото движење во глобала и има административен механизам според кој индивидуите се формално судени и „прогласени“ за супресивни. Од скиентолозите се очекува да се оградат од овие супресивци.

Лафает Роналд Хабард

l_ron_hubbardLafayette Ronald Hubbard (13 Март 1911 – 24 Јануари 1986) подобро познат како Л. Рон Хабард, според Гинисовата книга на рекорди е најпубликуваниот и најпреведуваниот автор во светот. Тој бил американски писател на ефтина научна фантастика и основач на Скиентологијата и Дијанетиката. Многуте биографии издадени од црквата со цел да се прикаже Хабард во најдобро светло, во многу случаи противречат и имаат малку допирни точки со публикациите на некои независни новинари и поранешни скиентолози.

Образование

Завршил средно ушилиште во машки колеџ во 1930 година, а потоа запишал цивилен инжинеринг на Џорџ Вашингтон Универзитетот. Неговите оценки биле константно лоши и според универзитетските извештаи, тој посетувал настава само 2 години, паднал по физика и конечно се откажал во 1931 година, т.е. останал без диплома. Подоцна во својата кариера Хабард тврди дека е „нуклеарен физичар“, иако неговото досие покажува дека имал најниска оцена по овој предмет.

Хабард тврдел и дека има докторат од Sequoia University во Калифорнија, но кога калифорниските власти извршиле истрага во оваа научна установа, се утврдило дека дипломите биле праќани по пошта и Хабард го „повлекол“ својот докторат поради коментарите во печатот.

Како писател на ефтина фикција

Хабард напишал многу ефтини фантастични приказни во т.н. Палп списанија. Критичарите често ги цитираат „Final Blackout“ и „Fear“ како негови најдобри примери на ефтина фикција. Меѓу останатите негови публикувани приказни се вбројуваат Sea Fangs, The Carnival of Death, Man-Killers of the Air и The Squad that Never Came Back пишувани под различни псевдоними.

Воена кариера

Во Јуни 1941 Хабард и се придружил на американската морнарица. По јапонскиот напад на Перл Харбор, бил пратен во Австралија, но се вратил дома, најверојатно поради недоразбирањата со американскиот аташе, кој го оквалификувал како „незадоволителен за било која задача“. По ова бил пратен во Бостон, но и тука немал разбирање со неговиот претпоставен кој пак го оценил како „темпераментно неспособен за независна команда“. Овие документи и изјави се  контрасни на официјалната скиентолошка литература, која често го претставува Хабард како храбра и херојска фигура за време на војната.

По уште неколку испади за време на војната и одбивање послушност на воената хиерархија, Хабард бил ослободен од команда. Во подоцнежните години од неговиот живот тој изнесува тврдења за неговото воено досие, кои тешко може да се поистоветат со владината документација од неговите денови во служба. На пример, тврдел дека се здобил со прострелни рани во областа на островот Јава, но во неговото досие воопшто не се споменува никакво служење близу Јава. Истотака, тврдел дека има добиено 21 медаља и награди, вклучувајќи 2 пурпурни срца. Досието кое Скиентолошката Црква го прикажува за Хабард е потпишано од непостоечки командант Хауард Д. Томсон, и во него му се доделени измислени медали, незаслужени академски квалификации и позиции кои воопшто не ги поседувал во морнарицата на САД.

Подоцнежни години

Приватното однесување на Хабард станало неподносливо кога неговата втора жена, Сара Нортурп, во доцните педесетти поднела документи за развод, цитирајќи дека Хабард, на нејзино незнаење бил сеуште во брак со неговата прва жена кога се оженил со Сара. Во нејзините документи за развод таа го обвинува за киднапирање на нејзината ќерка Алексис и за вршење „систематска тортура, тепања, давења и научна тортура преку експерименти“.

Во 1977 година, просториите на Скиентолошката Црква  во Америка биле истражувани од страна на ФБИ агенти, со цел да се дојде до докази за операцијата „Снежана“ – шпиунска мрежа раководена од Црквата. Тогашната жена на Хабард, Мери Сју, како и голем број официјални црковни лица, во 1979 биле осудени  за заговор против федералната влада на САД, а  Л. Рон Хабард од федералните обвинители бил именуван  како  „необвинет заговорник“. Соочувајќи се со огромен медиски интерес, тој тајно се повлекува на мал ранч во Крестон, Калифорнија. Во 1978 година Судот на Франција  го осудува за измама, со што му е изречена казна од 35.000 франци и 4 години затвор. Хабард одбива да оди во затвор и да ја плати кауцијата и повторно се крие. Во 1984 година Високиот Суд во Лондон одлучува дека Скиентологијата е „опасна, неморална, грешна и корумпирана“.

Прочитајте и:  Свештеникот кој дозволи снимање спорен спот во црква, расчинет поради проневера

old-l-ron-hubbard Се претпоставува дека Хабард умира на неговиот ранч на 24 Јануари 1984, на 74-годишна возраст.  Во последните 5 години од животот тој воопшто не е приметен во јавност. По неговата смрт, скиентолошките адвокати доаѓаат по неговото тело, кое  веднаш потоа е кремирано. Претходно, истражувањата на медицинскиот вештак откриваат високо ниво на  дрога во крвта. Хабард конзумирал  hydroxyzine(Vistaril), кој понекогаш се користи заради своите антихистамински својства и е психоактивна супстанца, чие користење според Скиентологијата  е  забрането.

Во Мај 1987, Дејвид Мискавиџ, еден од поранешните лични асистенти на Хабард, ја зазема позицијата на претседател на религиозниот технолошки центар, со што станува лидер на скиентолошката религијата. Свештеникот Хебер Јентз е именуван за претседател на Интернационалната Црква на Скиентологијата.

Она што досега може да се примети е дека  комплетниот живот на Л. Рон Хабард е обвиен во лаги и контроверзии, како што е и историјата на Скиентологијата. Неговиот син Л. Рон Хабард Јуниор ќе каже „99% од она што татко ми некогаш го напишал за себе е комплетна невистина“.

Во едно интервју на Л. Рон Јуниор од 1983 година, тој за самиот себе  кажува  дека е  резултат на неуспешен абортус и се сеќава дека кога имал шест години го видел татко му како изведува абортус врз мајка му со закачалка за алишта. Во истото интервју, тој својот татко го опишува  како Ѓаволот лично, давајќи детален опис за Хабардовото обожување на црна магија. Овде прочитајте го комплетното оригинално интервју на  Л. Рон Хабард Јуниор.

Sea Org

Sea Org e кратенка измислена од Хабард за Sea Organization или Организација на море. Нејзините членови се дел од централниот менаџмент на Скиентолошката Црква. Sea Org е основана во 1968 како активност на добра волја и претставува административна рака на Скиентологијата.

7a-1200

Нејзината цел е да „создаде етика на планетата“, што посочува на  дефиниција на Хабард за етика, каде аудитинг процесот наведува на соодветна етичка одлука. На 1 Септември 1966, Хабард официјално се повлекува од сите директиви и менаџментот на Скиентолошката Црква. Во раната 1967 тој се прогласува за „Commodore“ на малата флота скиентолошки крстосувачки бродови, кои наредните 8 години ќе ги поминат крстарејќи низ Средоземното море. Со чинови и униформи по дизајн на Хабард, Sea Org постeпено станува висока менаџерска група на Црквата.

contract Членовите на Sea Org со организацијата потпишуваат договор за вработување на билион години. Да, добро прочитавте – билион. Црквата го смени првичниот договор кој беше на 6 месеци за да внесе симболика и авторитативност на организацијата. Според скинентолошките верувања, од членовите се очекува да се вратат во организацијата и кога ќе се родат повторно; оттука и слоганот на Sea Org – „We come back“.

Екипажот добива високи чинови на бродот, иако многумина од нив се тотално неспособни за управување со брод на море. Униформите кои ги носат се псевдо-морнарски, по идеја на Хабард, инспириран од периодот кога служел во морнарицата на САД.

Повеќето од  членовите добиваат по околу $50 неделно, а во некои случаи дури и воопшто не добиваат плата. А за иронијата да биде уште поголема, сите членови се здравствено осигурани. Од екипажот, слободните членови од ист пол спијат заедно, а мажените жени имаат свои соби.

Многумина од оние кои  работеле на Sea Org тврдат дека тоа е работнички камп за сите членови кои духовно не прогресирале според очекувањата на Црквата, поточно таму се оние кои таа сака да ги „рехабилитира “преку најразновидни физички и ментални тортури. Постојат и правила, концизно напишани во неколку реда, каде Хабард наведува дека една од мерките за непослушност е фрлање од палубата на бродот.

Нарконон

Нарконон (анг. Narconon) претставува рехабилитациона програма за зависници од дрога која се одвива под раководство на Скиентолошката Црква.

Наркононот е промовиран на 16 февруари  1966 година,  како програма за рехабилитација од дрога, базирана на „Основите на мислата“ на Л. Рон Хабард. Програмата е креирана од Вилиам Бенитез, поранешен затвореник за криминални дела поврзани со дрога, во затворот во Аризона, а е тестирана на  зависниците во истиот затвор  Во 1973 затворот усвојува процедури со кои откажувањето од дрогата ќе се одвива преку витамински и минерални суплементи, комбинирани со тренинг процедурите од основните курсеви на Скиентологијата.

skientologija_lekuvanjeВо декември 1988 год, актуелниот претседател на Скиентолошката Црква, Хебер Јентз, е уапсен во Шпанија по истрагата која открива дека Црквата со измама земала пари од шпанските граѓани кои се жалеле дека се „навлечени“ на Нарконон. На прес конференцијата судијата кој го водел случајот изјавил дека единствениот господ на Црквата се парите, споредувајќи ја со пирамидална шема во која членовите плаќаат огромни суми. Според него, наркононот ги намамувал клиентите безизборно да се приклонат кон Скиетологијата. Во 1989год, во Италија се  уапсени 75 скиентолози во истрага која довела до слична ситуација.

Друга Скиентолошка програмата е „Нов живот“. Таа се состои од две основни етапи: „детоксикација“ и „рехабилитација“. Првата подразбира дневен режим на индивидуално препишани витамини, масла и мулти-минерали. Посебно внимание се обраќа на минералите магнезиум и калциум, строго контролирана доза ниацин, плус вежбање и долги сесии во сауна. Остатокот од курсот предвидува „тренинг рутини“, кои оригинално потекнуваат од девизата на Хабард за стекнување комуникациски способности. Еве мал пример за тоа како течат овие тренинг сесии: индивидуата му дава команди на пепелник „да стане“ и „да седне“, за на крајот, што е можно погласно да се заблагодари за тоа. Поранешните скиентолози велат дека целта на вежбата е индивидуата да ја „пренесе“ својата намера на пепелникот и да го помрдне.

Пациентите просечно минуваат околу 3 до 4 месеци во објектите на Црквата во САД, за цена која е различна во секој Нарконон Центар, но се движи од $10,000 до $30,000.

Скиентологијата и славните личности

Скиентолошката Црква е позната по тоа што константно се труди да регрутира артисти и забавувачи, а особено славни личности од Холивуд. Таа има посебни објекти за регрутација наречени Celebrety Centres. Постојат 8 вакви центри низ светот, а Холивудскиот важи за најголем и најважен од сите.

travolta
cruise-salute

cruise-handshake

Публицитетот на Скиентологијата можеби најмногу се должи на шоу-бизнисот. Меѓу најпознатите личности кои ја практикуваат Скиентологијата се вбројуваат Џон Траволта, Кирсти Али, Исак Хејз, и секако Том Круз.

Вреди да се погледне епизодата „Заробен во плакарот“, од анимираната серија South Park, која преку пародија го прикажува вистинското лице на Скиентологијата. Епизодата исто така се потсмева и со неколку славни личности како Том Круз, Џон Траволта и Р. Кели. По емитувањето, Исак Хејз даде оставка и повеќе не го позајмува гласот на Chef – лик од серијата. Меѓу другото, оваа епизода беше номинирана за Еми награда.

south_park_tom_cruise

Во Македонија можеби нема ѕвезди од типот на Том Круз, но сепак има познати личности кои јавно ја изразуваат својата подршка на Скиентологијата. Еден од нив е и Симеон (Мони) Дамевски – македонски актер, писател, режисер, продуцент и еден од афирматорите на Скиентологијата во Македонија. Најверојатно неговите контакти со Скиентологијата се остваруваат во раните 90-ти години, со неговата посета на САД каде ги завршува магистерските студии на државниот факултет RUTGERS во Њу Џерси. Тој во периодот од 1990-1992 бил и асистент по глума на овој универзитет.

На неговиот сајт на официјаната страна на Скиентолошката црква, Симеон вели:

„Својот живот го посветив Скиентологијата да ја доближам на своите пријатели и сограѓани.“

„…нема место на светот каде не би одел за Рон.“

Овде може да го прочитате неговото сведоштво во врска со Скиентологијата. Дозволете да бидете „допрени“.

Статусот на Скиентологијата во другите земји

Германската влада  извесно време тврди дека главната намера на Скиентологијата не е религиозна, туку дека таа е од економска природа. Во Југославија Скиентологијата тврдеше дека не е религиозна организација, во Грција дека е филозофска, а кога во 1955 година беше основана во Јужна Америка, една од нејзините цели беше „…да позајмува пари“.

Германската влада тврди дека Скиентологијата е опасна за своите членови и потенцијална опасност за општеството. Таа во една збирка  посветена на заканите на демократијата, ја сврстува рака под рака со екстремниот исламизам и организираниот криминал.

scientology_warning_leaflet

На судењето кое на 10 и 11 Мај 1999 се одржа во Атина, 15 водечки лица на Скиентолошката мисија во Грција беа обвинети за систематско следење и водење досиеа за еминентни луѓе во државата. Имено, нивната операција на пратење била насочена кон собирање доверливи информации за политичари, свештеници, судии, јавни обвинители и новинари, односно за сите оние кои порано или подоцна би застанале на „патот на алчноста“.

По оваа пресуда, Скиентологијата  како организација од било каков вид, престанува да постои во Грција.

Personality Test

Висококритикуваниот карактерен или психолошки тест, оригинално наречен „American Personality Analysis“, подоцна преименуван во „Oxford Capacity Analysis“ е првото практично претставување на Скиентолошката Црква. Оригиналниот тест е креиран од психологот Џулија Луис, а подоцна е усвоен и уреден од Црквата на Скиентологијата.

Тестот е измама, а оние кои го оценуваат најчесто немаат доволно квалификации.

Скиентолозите обично одбираат луѓе на улица, не кажувајќи за себе кого или што навистина претставуваат. Ако ги прашате кого застапуваат, тие најверојатно ќе се дефинираат како филозофија или ќе се претстават како хуманитарна организација. Ако на пример им кажете дека веќе припаѓате на некоја религија, ќе ви кажат дека е возможно да бидете и скиентолог истовремено. Но, сето тоа е лага бидејќи се нестрпливи да земат дел од колачот. Во случајов тоа сте вие и пред се вашето материјално, а што е најстрашно попатно и вашето духовно богатство и приватност. Сето тоа со максимална упорност за да ве убедат да дадете се што сте стекнале. Анкетарите земаат 5-15% за секој што ќе се зачлени.

Не ги потценувајте, бидејќи некои од нив се екстремно добри во својата работа која ја усовршуваат од раните педесетти. По поминатиот OCA тест(без разлика на резултатот), Скиентолозите советуваат дека е паметно да земете дополнителни курсеви кои ќе ви помогнат да ја подобрите комуникацијата или слично.

Првите курсеви се ефтини, но кога ќе се уверат дека сте заведени, цената веќе нема разумни граници!

Луѓето во голем дел од случаите ги продаваат своите имоти, се задолжуваат, дури и крадат, се со цел да продолжат со курсевите.

По потрошеното богатство, тие дознаваат за Ксену, вселенската опера и сите останати научно-фантастични глупости…но тогаш е веќе доцна.

Скиентологијата и психијатријата

scientology_psychiatry_kills Скиентолошката црква е една од групите кои се инволвирани во анти-психијатриското движење и една од малкуте организации која јавно се противи на учењето и примената на психологијата како додаток на психијатријата.

Оваа тема се појавува во некои литературни дела на Хабард. Во неговата серија „Мисија Земја“, која неодамна беше екранизирана на големото платно, со Џон Траволта во главна улога, различни ликови ги критикуваат психијатриските методи.

Скиентолошката Црква тврди дека психијатријата е одговорна за Првата Светска Војна, воздигнувањето на Хитлер и Сталин, падот во образовните стандарди во САД, војните во Босна и Косово и нападите од 11 Септември, а истата јавно никогаш не презентирала ни еден доказ кој би ги поддржал овие обвинувања кон психијатријата.

Овој став на Црквата  најверојатно се раѓа по публикацијата на книгата за дијанетика, кога американската психијатриска асоцијација ги советуваше своите членови да не ги користат психотерапевтските техники на Хабард врз своите пациенти  додека не се докаже нивната егзактност. Поради оваа критика, Хабард дошол до убедување дека психијатрите стојат зад светскиот заговор за напаѓање на Скиентологијата и дека се креира „светска влада“ водена од психијатри во име на комунистичка Русија.

Во исто време Хабард тврдел дека психијатрите се древно зло кое било проблем веќе билион години. Тој ги обвинува и за нивната наводна асистенција на Ксену во геноцидот кој се случил пред 75 милиони години.

Особено гласен во нападот  на психијатриските методи е славниот скиентолог од Холивуд, Том Круз.

Заклучок

Ако го читате овој текст значи стигнавте до нашето крајно изложување за Скиентологијата. Оваа сторија е само мал допринос во борбата против Скиентологијата на интернет и се што прочитавте погоре е изворно документирано низ книги, сведоштва и искуства на илјадници луѓе од целиот свет.

site-stafovi_grand-opening

Ние нема да ве спречиме да отидете во Хабардовиот центар за Дијанетика и Скиентологија. Нема да ни биде жал ако по овој текст го направите тоа. Нашата совест е чиста, со моментот на објавувањето на оваа статија. Ако успееме да спасиме барем еден човечки живот, една залудно потрошена младост, една сметка во банка – тогаш сме ја исполниле својата цел. Се надеваме дека и вие сте еден од оние скрупулозни граѓани кои ќе истапат против ова притаено зло на денешницата и ќе го рашират гласот на вистината.

02

Двете земји членки на ЕУ – Германија и Грција, неодамна ја искоренија оваа организација од својата територија. Дали треба и ние да поминеме низ истите ситуации, загрозувајќи 2 милиони граѓани и не обрнувајќи интерес за туѓите искуства – останува да видиме. Постоењето на оваа организација засега се покажува безначајно за македонските власти. Многу од весниците делуваат како продолжена маркетинг рака на Скиентологијата, и без да знаат за што пишуваат, објавуваат стории кои би можеле да бидат хазардни за македонските граѓани.

Следниот пат кога ќе сретнете скиентолог или некој што ќе започне тема за Скиентологија, пратете им го линкот од оваа сторија.

Пратете им ги и линковите од 48-те извори наброени подолу, затоа што во ова изобличено време на сеопшта алчност, каде секој на свој начин се обидува да дојде до финансиска корист,  знаењето е последната линија на одбрана.

Извори:

1. scientology.org – Официјалниот сајт на Црквата на Скиентологија
2. en.wikipedia.org/wiki/Scientology – Скиентологија на Википедија
3. xenu.net – Тајните на Скиентологијата
4. whyaretheydead.net – Сајт посветен на жртвите на Скиентологијата
5. scientology-skopje.org – „Мисија Скопје“ – македонски скиентолошки сајт
6. lermanet.com – Вистината за измамата наречена Скиентологија
7. The Thriving Cult  of Greed and Power – Написот на списанието Time од 1991
8. Penthouse Interview With L. Ron Hubbard Jr. – Интерјву во кое синот говори за таткото и неговиот приватен живот
9. Scientology Court Quotes
10. What Judges Say about Scientology
11. bagra.org – Религија,наука и сатанизам.
12. bagra.org – Скиентолошки техники – Uncovered
13. The E-Meter
14. Secrets of Scientology: The E-Meter
15. A place called ‘Gold’
16. Inside the E-Meter
17. Scientology makes deals with Islamic Extremists
18. xenutv.com – Видеа и сведоштва кои ја разоткриваат Скиентологијата
19. xenu.net/archive/media/Vault/ – Архива на најдобрите ТВ и радио материјали во врска со Скиентологијата
20. A Piece of Blue Sky – Книга која култот сакаше да ја отстрани од amazon.com
21. Booklist on Cult Mind Control
22. freedomofmind.com – Помош од најдобриот експерт за култови, Стивен Хасан
23. escapeint.org – Помош за семејствата кои биле потресени од Скиентологија
24. L. Ron Hubbard на Википедија
25. The true story of L. Ron Hubbard
26. The Scientology SECRET Library – Сите тајни документи, записи, ракописи…
27. Oxford Capacity Analysis – Сите прашања од тестот
28. Narconon на Википедија
29. Narconon Exposed: Narconon and Scientology
30. Criminon на Википедија
31. Trapped in the Closet (South Park) на Википедија
32. Судењето на Скиентологијата во Грција
33. Култот поврзан со самоубиства во Франција
34. Captain Miscavige – The Memorial Years
35. List of Scientologists
36. Celebrity Scientologists
37. Scientology: religious persecution in Germany?
38. Official German responses to Scientology
39. Greece Uncovers Scientology
40. Quotes from judges and others about Scientology
41. Scientology versus the Internet
42. altreligionscientology.org – Сеопфатен сајт за Дијанетика и Скиентологија
43. Rolling Stone : Inside Scientology – Напис кој говори што навистина е Скиентологијата
44. How to beat the Scientology Personality Test
45. tomcruiseisnuts.com – Сајт кој го исмејува Том Круз
46. scientomogy.com – Уште еден таков сајт
47. Church of Scientology на Википедија
48. Борбата против Сциентологијата на Интернет – Заштитете се! Бидете информирани!

- Реклама -