Македонската Прва лига е една од најнепосетените меѓу 12 европски фудбалски лиги кои ги анализираше хрватски „Индекс“.
Во анализата на Хрватите околу гледаноста на натпреварите во првенствата на Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска, БиХ, Србија, Македонија, Албанија, Романија и Бугарија, нашиот шампионат е единствено пред Првата лига на Словенија, а со сериозно послаба гледаност како од Албанија така и од сите други девет анализирани лиги.
Според хрватската анализа, Шкендија е убедливо најгледаниот македонски клуб оваа сезона со просечни 3.200 гледачи по натпревар, втора е Брегалница со 1.667 гледачи по натпревар, додека трет е Вардар со 1.578 просечно гледачи по натпревар.
За разлика од годините на почетоците на македонска фудбалска самостојност, интересно е што Вардар оваа сезона е двојно помалку гледан од Шкендија, а дури десет пати помалку од една Црвена Звезда која има речиси 17 илјади гледачи во просек по натпревар.
Убедливо, пак, најгледан тим од овие анализирани лиги е романската Стеауа, во чии редови настапува нашиот репрезентативец Даниел Георгиевски, со 21.398 гледачи по натпревар. На второто место е Црвена Звезда, а потоа следат австриските Рапид Виена и Штурм. Потоа е Петролул од Романија.
На високото шесто место е бугарскиот прволигаш Ботев на нашиот репрезентативец Бобан Грнчаров кој има повеќе од 10.000 гледаност во просек.
Топ 10 најгледани клубови
1. Стеауа (Романија) 21.398
2. Црвена Звезда (Србија) 16.911
3. Рапид Виена (Австрија) 14.480
4. Штурм (Австрија) 11.699
5. Петролул (Романија) 11.254
6. Ботев (Бугарија) 10.375
7. Плзен (Чешка) 10.350
8. Австрија Виена (Австрија) 9.750
9. Хајдук (Хрватска) 9.250
10. Салцбург (Австрија) 8.987