„Два дена интензивни, би рекол и напорни дискусии“ – оцени копретседавачот на македонскиот дел од заедничката историска комисија со Бугарија – Драги Ѓоргиев, по завршувањето на дводневната средба со бугарските колеги кои се во посета на Скопје, истакнувајќи дека поради подолгата пауза требало да се решат многу технички работи во однос на понатамошното работење и динамиката на Комисијата. Како што информираше, договорено е да се одржи уште една средба до крајот на годината, како и да се одржат пет средби следната година, доколку условите (пред сѐ пандемијата) тоа го дозволуваат.
Во однос на не/успешноста на работата во овие два дена, Ѓоргиев потенцираше дека не секогаш, особено кога се работи за вакви сензитивни прашања, желбите и очекувањата се исполнуваат, но посочи дека е постигнат „суштински напредок“ во однос на една од препораките на бугарските историчари за учебниците, што може да биде, според него, добра основа за напредок во иднина. Во однос на прашањето за Гоце Делчев, посочи дека биле презентирани нови предлози за Гоце Делчев кои биле разгледувани и сега, а ќе бидат разгледувани и на следната средба.
Неговиот колега и копретседавачот на бугарскиот дел од Комисијата, Ангел Димитров, меѓутоа, видно понетрпелив и нерасположен да ги обландира нештата, дводневната средба на историчарите ја опиша правејќи паралела со временските услови денеска – „сиво, со повеќе облаци и малку дожд, со повремена краткотрајна појава на сонце“:
„Ако треба да дешифрираме, ќе ви кажам директно; Тоа што го сработивме, како резултат, е едно мало чекорче напред, дури јас не би нарекол ни чекор, туку стапка, но во крајна сметка, нели, позитивен исход: Од 14 забелешки кои ние ги имаме за учебниците во Република Северна Македонија, денес успеавме да стигнеме до општа позиција за само една од нив, и тоа третата по ред од нив. А за тоа разговараме повеќе од една и пол година“, рече Димитров.
„Што се однесува до прашањето за Гоце Делчев, за жал немавме ниту време, ниту можност да постигнеме нешто понапред од она што го правевме и досега. Очигледно останува како задача за во иднина“, додаде тој.
И во однос на „новите предлози“ по ова прашање, Ѓоргиев и Димитров имаа различни одговори.
„Видете, тоа е текст кој е ставен на маса и кој ние сега не би го дискутирале, бидејќи тоа е работна верзија која ќе биде во фаза на разгледување и размени на мислења во претстојниот период до следната средба и ќе биде разгледуван на следната средба. Не би сакале да го дискутираме“, рече копретседавачот на македонскиот дел од Комисијата.
„Видете, кога се вели ‘нови идеи’ не очекувајте никакви сензации. Тие всушност и не се ништо ново во споредба со многубројната размена на идеи досега кога сме разговарале за Гоце Делчев. Така што, ајде да покажеме малку повеќе трпение, затоа што имаме предвидено уште една средба до крајот на годината“, порача Димитров.