Сител, Канал 5 и Алфа добиле 25 од вкупно 26.6 милиони евра за медиумска пропаганда од владата на Груевски

Дури 95% од вкупната сума од 26.6 милиони евра потрошени од ВМРО-ДПМНЕ за медиумска пропаганда во периодот од 2010-та до 2017 година, завршиле кај трите национални телевизии „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“. За разлика од нив, останатите две национални телевизии – „Телма“ и „Алсат“ за истиот период добиле по околу 859.000 и околу 545.000 евра, објави порталот за истражувачко новинарство „Призма“, повикувајќи се на податоците од неодамна отворената датабаза „Отворени финансии“.

Како што пренесува порталот, овие три телевизии се офајдиле за вкупно 25 милиони евра, при што убедлив рекордер е „Сител“, на која ѝ биле исплатени 10.2 милиони евра. Втора е „Канал 5“, со 8.5 милиони евра, а трета е „Алфа“, со 6.3 милиони евра. Притоа, приходите во „Алфа“ нагло се зголемуваат откако телевизијата добива нов сопственик и коинцидираат со промената на уредувачката политика. Во текстот се потсетува и дека во „бoмбитe“ можеше да се чуе како Сашо Мијалков ја „уредува“ програмата на „Сител“ и „Канал 5“ во разговори со уредникот Драган Павловиќ – Латас и со сопственикот Емил Стојменов.

Најголем дел од парите кои ги добиле овие три телевизии, кои, како што пишува „Призма“, беа удapната пропагандна тупаница на владата на Никола Груевски, биле исплаќани директно од буџетот, од ставка „други трансфери“. За трошоците на СДСМ откако е на власт, ТУКА.

- Реклама -