Емилија Розман се пожали дека самата си го покрила учеството за изборот за „Мис на свет“ и што сè и се случува за време на гламурозното претставување. Нејзиното писмо во целост.
„Сакам да му се заблагодарам на моето семејство, сите медиуми, пријатели и на сите вие што на социјалните мрежи ми дадовте огромна поддршка за моето учество на „Мис на светот“. Меѓутоа, медалот има две страни. Вие ја видовте едната. Убавината и сјајот. Мојот ентузијазам и желба Македонија и нашиот народ да ги претставам во полн сјај. Но како што одминуваат деновите, реалноста е сосема поинаква. Нервозите започнаа уште во Скопје. Како да се понесат 15 официјални фустани, плус гардероба, шминки, накит, чевли и сѐ друго што е потребно за еден ваков светски настап, кога дозволен багаж е 23 кг и 8 кг прирачен.
Пари за дополнителен багаж нема, како што немаше за осигурување, кинеска виза, секојдневно трчање од еден крај на друг крај на градот, третмани, сѐ што морав да покријам сама. На еден ден пред заминувањето сѐ уште немав карта. Во авионот за Истанбул дознав дека картата од Истанбул до Санија, Кина, не ми е платена. Па, во последен момент, дизајнерот Менсур Алими ја плати картата.
Островот Хајнан е приказна од бајките, сместени сме во комплекс од најлуксузни хотели со седум ѕвездички. Меѓутоа, јас тоа го имам поминато во мојата кариера. Не дојдов овде да уживам, туку да се борам за круната и за Македонија. Првото официјално претставување на танцови во национални носии, јас го преседев во соба, затоа што немав официјален костим. Тој сѐ уште патува по ДХЛ кон Кина. Го преседов во соба и претставувањето на талент. Знаковниот јазик т.е. јазикот на глувите претставувал мимика што не се вреднувало како талент. Меѓутоа во соба не го преседов „Contestant intros“, кога со видеозапис од три и пол минути се претставуваат девојките и убавините на земјите од каде што доаѓаат. Јас и Македонија немавме видеозапис.
Не дека немаме убавини, и тоа како имаме, но требаше да се ангажира продукција, а тоа чини пари. Зошто јас да го платам тоа, а да кажам дека претставувам цела една држава, кога го претставувам семејниот буџет!? Овде треба да бидеме 30 дена, а јас имам еден проблем помалку, од другите девојки, кои мораат на секој настан и во слободно време соодветно да се облечат, па не знаат што да изберат. Јас си терам со 3-4 фустани, што успеа некако да ги собере во рачниот багаж. Секоја чест на девојките од Нигерија и од Етиопија, за кои мислев дека се сиромашни. Ме одушевија со нивната подготвеност и организација. За разлика од девојките, кои имаат придружба од цели тимови, менаџери, ТВ-екипи, родители и пријатели, јас сум сама. Па, што бараат тука кога можеме да си пишуваме и по Фејсбук, за гледање имаат слики, секогаш има наредна шанса, јас секоја година ќе учествувам на „Мис на светот“… Сите девојки што се избрани за мис, од нивните земји, им се подарени парични награди, автомобили, куќи и патувања. Јас добив ексклузивна можност сѐ да си организирам и покријам сама. На мојот профил на Фејсбук, ќе видите само оптимизам и желба за успех. Полна сум со позитивна енергија и ќе се борам до последниот ден. Лавовски, како што доликува на Македонија. А, потоа светските медиуми нека пишуваат Мис на светот за 2015 г. спие по аеродромите во Пекинг, Амстердам и во Истанбул. Таков ми е авиобилетот, три полни дена пат, што ќе ми е државата да покрие 2 ноќевања на таа пара што ја имам.
Ја сакам круната, сакам да ѝ ја подарам на Македонија. Сакам да ја ставам на глава на секое сиромашно и гладно дете, кои ќе ги посетам откако ќе се вратам и продолжам со хуманитарните активности. На секое девојче со хендикеп, бидејќи природата или моментот, им ја одземала ваквата можност. И не затоа што звучи убаво и мисиците го прават тоа, туку за тоа што тоа сум јас откако знам за себе. Не сакам да кажат, најубава жена на светот е Емилија Розман. Сакам светот да каже најубава жена во 2015 година е Македонка“.