Системот што не дозволува пилоти што се мразат да се најдат во иста кабина

Замислете да поминете 17 часа заробени во мала кабина, рамо до рамо со човек кој не го поднесувате. Пилотите најдобро ќе го знаеја чувството, ако не беа „тајните“ (за јавноста) пилотски списоци.

Да, тие се пилоти, што значи дека се големи професионалци, но пред сé, сепак се луѓе. Бидејќи комуникацијата во авионскиот кокпит може да биде клучна за безбедноста на летот и патниците, авиокомпаниите имаат разработен систем кој не дозволува двајца пилоти што не се мирисаат да се најдат во иста кабина.

Се работи за таканаречени „Do Not Pair“ списоци. Системот работи така што секој капетан, прв, и втор офицер има свој електронски список кој се внесува во системот за распоредување на авиокомпанијата. Во овие списоци, пилотите можат да го додадат името на колегите со кои не сакаат да работат заедно во кокпитот. Системот потоа ги консултира сите списоци, и ги спарува пилотите соодветно на наведените „забрани“.

Иако е помалку познат факт околу работниот живот на пилотите, на интернет ќе најдете прилично многу примери кои допринеле нечие име да се најде на „do not pair“ листите.

На пример, има приказна за еден прв офицер чиј капетан го врбувал да му мести женски за време на приземјувањата за полнење гориво. Неколку пати така, и првиов офицер го впишал капетанот на листата.

Во 2008-ма, пак, капетан на American Airlines се движел пребавно по пистата кон местото за полетување. И тој и неговиот копилот добиле казна од 15-дневна неплатена суспензија. Знаејќи го ова, сосема трет пилот, назначен на друг лет на компанијата, речиси инстантно го внел името на казнетиот капетан во својата листа. Што е сигурно – сигурно е.

Во една неодамнешна статија за LA Times, постоењето на „листата“ го потврди и Елиот Хестер – авионски стјуард. Тој пишуваше дека бил сведок на жестока расправија меѓу пилот и трет офицер, на само неколку минути пред закажаното полетување од Рио де Жанеиро до Мајами. Малку фалело летот да биде целосно откажан, ако не се одржела итната 10-минутна средба на која двајцата пилоти ги испеглале (или барем одложиле) разликите. По слетувањето во Мајами, сепак, Хестер раскажува дека третиот офицер го извадил лаптопот, се логирал на сајтот на вработените, и го внел името на капетанот во полето „Do Not Pair“.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Патрик Смит – пилот и автор на книга во која се дискутираат „жешки“ прашања од сферата на летањето („Cockpit Confidential“, не ги спомнува листите, но истакнува дека наведувањето на имињата на пилотите со кои не сакаш да работиш е нормална пракса од распоредувањето на летовите и екипажот.

„На секои 30 дена, некаде на средина на месецот, ги наведуваме нашите преференци за следниот месец: каде сакаме да летаме, кои денови би сакале да сме слободни, и кои неподносливи колеги се надеваме да ги избегнеме“, пишува Смит.

На крајот, сé тоа се регулира на следниот начин: постарите пилоти добиваат најмногу избор, а помладите од тоа што останува.

А во ретките ситуации кога сепак двајца меѓусебно непожелни пилоти ќе се најдат во кабината, мала утеха е правилото за „стерилен кокпит“. Според ова правило, пилотите не смеат да зборуваат за ништо друго освен за теми поврзани со летот, барем до моментот додека авионот е под висина од 10.000 стапки. Целта е да се насочи максимум внимание кон управувањето на авионот, се разбира. Што значи дека, ете, на одредени висини автоматски престанува секоја пилотска кавга.

 

- Реклама -