СИПРИ: Нуклеарниот арсенал во светот ќе се зголемува

Стокхолм, 13 јуни 2022 (МИА) – Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања (СИПРИ) објави дека светскиот нуклеарен арсенал наскоро ќе се зголеми со оглед на сегашните тензии, јави ДПА. И покрај познатото намалување на вкупниот број на нуклеарни боеви глави во светот на околу 12.705, аналитичарите на СИПРИ во својот годишен извештај, објавен денеска, велат дека бројот ќе почне повторно да се зголемува во следната деценија.

„Постојат јасни индикации дека намалувањето на нуклеарниот арсенал во светот од крајот на Студената војна е завршено“, рече експертот на СИПРИ, Ханс Кристенсен.

„Доколку нуклеарните сили не преземат итни и конкретни активности за разоружување, светскиот нуклеарен арсенал наскоро може да почне да расте за прв пат по Студената војна“, рече Мет Корда од институтот. Според извештајот на СИПРИ, Русија во моментов има 5.977 нуклеарни боеви глави, а САД 5.428. Заедно, двете земји имаат околу 90 отсто од нуклеарните боеви глави во светот.

Во извештајот, исто така, се наведува дека сите други нуклеарни држави (во извештајот на СИПРИ се наведени Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја) неодамна развиле или распоредиле нови системи за оружје, или барем го објавиле тоа, јави ДПА.

- Реклама -