Синдикатот и директорот на ЈСП со различни тврдења за исправноста на автобусот кој удри во жардињера кај Мавровка, возачот вели дека бил неисправен

Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ) денеска на прес-конференција пред Управната зграда на ЈСП, обвини дека автобусот кој вчера удри во жардињера во близина на ТЦ Мавровка бил технички неисправен. Возачот на автобусот исто така рече дека забележал оти автобусот не е исправен. За новиот директор на ЈСП Драги Кушовски, овие изјави се „паушални“ и смета дека треба да се почека официјалниот извештај на МВР.

Според тврдењата на претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, Синдикатот имал сознанија добиени од страна на вработени кои го управувале автобусот, дека во неколку наврати било алармирано дека автобусот е технички неисправен, но сепак, со потпис и печат бил пуштан да сообраќа како технички исправен. Ристески рече дека истиот автобус изминатиот период сообраќал на линија до Водно.

– Мораме јавно да проговориме за она што се случи вчера, бидејќи е загрозена безбедноста на граѓаните кои го користат превозот на Јавното сообраќајно претпријатие. Имаме сознанија дека истиот овој автобус којшто вчера удри во жардињера на булеварот во близина на Мавровка, пред извесен период го користеле на линија до Водно. Замислете доколку такво нешто се случело тогаш, затоа што се работи за технички проблем на автобусот, додека шоферот максимално направил што можел, рече Ристески.

Според Ристески, виновник за вчерашната несреќа е градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Директен виновник е градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Неможе со нејзиното однесување и ароганција према вработените и синдикатите, не може постојано да се менуваат директори на Јавните претпријатија и само таа да е исправна, рече претседателот на Синдикатот.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

На прес-конференцијата упадна новиот директор на ЈСП Драги Кушовски, кој тврдеше дека информациите изнесени од страна на КСОМ се „паушални и треба да се почека официјалниот извештај на МВР“.

– Вие немате официјален извештај од МВР кои се причините за сообраќајката, дека воланот откажал. Да оставиме на службите да утврдат зошто е настаната ситуацијата. Возилото има технички преглед и е редовно сервисирано, рече Кушовски.

Ситуацијата ескалираше по упадот на Кушовски, по што изјава даде и возачот на автобусот кој кажа дека забележал дека автобусот не е исправен.

– Јас го приметив автобусот дека не е исправен. Јас ќе пријавам дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисирано и исправно е за линија. Со години сообраќам на линијата 2-ка, од Сарај до Автокоманда и обратно, ги знам најситните дупки. Таа линија ја возам и мене не може онакво нешто да ми се случи. Мене ми побеле коса од волан и сега јас целиот се ежам додека зборувам. Жал ми е за патниците, пред се, кои добија стрес и за мене исто така, рече возачот.

Во вчерашната сообраќајна несреќа беа повредени три жени, од кои едната се пожалила на болки во колкот, а другите две се здобиле со полесни повреди. Сите три со возило на Брза помош беа пренесени во Клиниката „Свети Наум Охридски“.

- Реклама -