Израелската армија одржа симулациска вежба за офанзива врз јужен Либан додека долж границата трае размената на единечен и баражен оган со борците на либанскиот Хезболах.
Генерал-мајор Ори Гордин, кој ја предводи Северната команда, преку соопштение објави дека армијата е поподготвена од кога било, објавија денеска американските медиуми.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, од Либан во правец на Израел се истрелани повеќе од 2.000 ракети.
Пред два дена беа убиени дванаесет израелски војници и шест цивили, меѓу кои мајка и син.
Околу 150 борци и 20 цивили се убиени во израелските напади врз Либан, наведува проиранскиот шиитски Хезболах, сојузник на Хамас.
Генералот додаде дека резервистите се распоредени долж границата за да ја зајакнат одбраната на Израел.
Хезболах отворено кажува дека нападите врз Израел имаат за цел да ги ангажираат израелските сили на северот и дека тие ќе продолжат се додека не дојде до прекин на огнот во Газа.
Израел предупреди за тотална војна доколку Хезболах не се повлече од границата во согласност со резолуцијата на ОН со која заврши војната со израелската армија во 2006 година.