Симовски: Во просек дневно се попишуваат 100.000 лица, обидите пописот да пропадне паѓаат во вода

„Текот на пописот е во рамките на она што го очекувавме, па дури и со темпо кое што мислиме дека е подобро од очекуваното. Дневно во работни денови просекот на попишување е околу 100.000 лица, за викенд е нешто подобро и очекуваме следниот викенд да биде уште подобро“, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во „Утрински брифинг“.

Факт е, посочи Симовски, дека населението масовно ја прифаќа оваа операција и сите обидите пописот да се бојкотира и пропадне, паѓаат во вода.

„Цел на напади, откако почна пописот, е нашата веб страница, меѓутоа таа нема врска со делот на пописот. Не станува збор за софтверски проблеми, туку за милионски постојани напади во текот на сите овие денови. Имаше обид да се нападне и системот за пописот. На два пати се има тоа случено и двата пати се успешно одбиени. Немаме повеќе такви случаи“, смета Симовски.

Постојат, посочи тој, одредени структури кои не сакааат пописот да се спроведе.

„Не можам да разберам од која причина. Ако е причината борба за власт или било што друго, а притоа да се уништи државата, тогаш чуму е таквата власт. Меѓутоа, очигледно дека постојат такви структури и можеби имаат нешто вмешано и во овој дел, но не знам и не сакам да шпекулирам“, изјави Симовски.

Како што соопшти денеска Државниот завод за статистика, заклучно со 20 часот вчера попишани се вкупно 711.418 лица, 221.268 домаќинства и 297.085 станови. Пописот трае до 30 септември.

- Реклама -