Силјановска за сојузништвото со САД: Зарем меѓународната сцена да им ја препуштиме само на силните?

Извадок од интервјуто на кандидатот за претседател Гордана Силјановска-Давкова за словенскиот „Демократија“.

Како интелектуалец и професор, вие заземавте исклучително тврд став околу промената на уставното име на Република Македонија, сите во земјата добро знаат дека името беше сменето пред се за да се откочат интеграциите во ЕУ и НАТО. Дали ова значи дека вие застапувате анти ЕУ и НАТО политики?

Таа теза е она што власта го користеше во сиот изминат период кон секој што се обидуваше со научни аргументи да предупреди и да се спротивстави. Јас мојата научна кариера сум ја изградила во претежно западните научни кругови, два мандата бев член на Венецијанската комисија, членувам во бројни експертски тела на ООН, Советот на Европа, експерт сум на ОБСЕ за избори, итн. Ја отфрлам со индигнација стратегијата на власта која одбива да го слушне и гласот на научниците, јавните интелектуалци, но и на граѓаните – искажан на референдумот на 30 септември, кој беше не само спроведен спротивно на Кодексот на добри референдумски практики на Венецијанската комисија, туку и на уставот. Во НАТО ќе влеземе, но тоа е полесниот дел од задачата, бидејќи зависи од геополитички околности. ЕУ е далечна цел со оглед на кршењето на сите Копенхашки критериуми во текот на изминатите две години. Затоа, препорака за почеток на преговори, Македонија нема да добие ни на следниот самит. Со поразот на оваа власт, ќе се фокусираме на реформите потребни за членство во ЕУ со поддршка на нашите партнери од регионот како Словенија.

Најавувате дека како претседателка ќе составите комисија од експерти кои ќе се обидат преку меѓународно право да докажат дека промената на името на вашата земја е извршено со кршење на меѓународното право. Навистина верувате дека на глобалните елити им е грижа за почитувањето на меѓународното право? Зарем не е се оставено на чисти геостратешки интереси?

Јас зборувам како човек кој целиот живот го посветил на правото. Укажувањата за инвалидноста на Преспанскиот договор дојдоа од врвни имиња, професори по меѓународно право, како Френсис Бојл или Џејмс Питифер, на пример. Ако се откажеме од нормите на меѓународното право како мали држави, дали тоа значи дека ќе прифатиме дека might is right, дека меѓународната сцена им припаѓа само на силните? Не, се разбира. Словенија има проблем со Хрватска и во таа смисла треба да има разбирање и свест дека за малите земји аргументот на правото е единствениот начин да се справат со поголеми држави.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Како ќе ја прокоментирате улогата на САД во процесот на промена на уставното име на вашата земја? Доколку тој процес се ревидира, тоа би значело директна конфронтација на нивните политики…

САД е наш сојузник но имајте предвид дека како претседател на републиката планирам да бидам посветена првенствено на националните интереси на Македонија. Соработката со малите и големите држави треба да се одвива со взаемна почит. Наше е да ги искористиме меѓународните инстанци, првенствено во рамки на ОН, за да ги сочуваме сопствените интереси. И во времето кога Македонија поднесе тужба пред Меѓународниот суд на правдата во врска со ветото на Грција на самитот на НАТО во 2008, имаше силни притисоци и критики, но ние го добивме спорот. Штета е што владата на Заев не знаеше да ги искористи тие аргументи.

Обемното интервју, во целост, го објави порталот „Курир“. Можете да го прочитате ТУКА.

- Реклама -