Силјановска: Се покажа дека на функции се нашле луѓе аматери, најстрашно е што се уште веруваат дека се на правиот пат

Власта и нанесе голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија и тоа е една од причините зошто се кандидирала повторно  за претседател на Македонија.

Како што соопшти Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа  рече дека времето што го живееме е поинакво од 2019 година.

-Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ и нема да има никаков проблем. И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат, рече Силјановска-Давкова.

Според неа, власта наместо да пласира идеи, проекти, планови, „таа ја троши енергијата во ветар, во навреди и негации“ и посочи дека сака да разговара со кандидат за проекти, планови и граѓаните да судат  по тоа и по тоа да гласаат.

-Каков претседател сте вие, какви национални државни интереси браните ако велите за сите важат, а особено за нас пресудите од Стразбур, но не важат за другите. Сите држави, сите народи имаат малцинства што е логично во соседството, ама ние ќе се откажеме од нашето, ќе заборавиме на пописите во Бугарија, ќе заборавиме на училиштата во Бугарија, ќе заборавиме на библиотеките и на театрите во Бугарија за Македонците. Ама тоа што не важи за над 180 000 луѓе по пописите во Бугарија, што се случи, важи за 1500 луѓе кои се декларирале Бугари, а кои според нашиот Устав се целосно заштитени. Нашиот Устав има цел еден дел за заштита на правата на малцинствата, истакна   Силјановска-Давкова.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

За сите проблеми поврзани за надлежностите на претседателот таа рече дека има „предлог излезно решение“.

-Тоа е она што е најважно ние да го сториме, да ги видиме проблемите и да ги надминеме. Дури некогаш нема потреба од уставни измени туку има потреба од практикување и на вето, и на обраќања, и на најдобри кандидати во Судски совет, и на најдобри кандидати на Уставен суд, и на најдобар прв човек на Генералштабот, и на различни тела кои при претседателот ќе обединуваат, вклучувајќи ја дијаспората. Ништо од тоа досега не го видовме, рече кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -