Силјановска разочарана што химната на натпреварот меѓу С. Македонија и Исланд се изведувала само инструментално

Дали Гордана Силјановска-Давкова свесно манипулира со гласачкото тело, или пак едноставно наивно наседнува на лажните „скандали“ што ѝ ги сервира како муниција нејзиното најблиско политичко опкружување?

Дека е барем едно од двете, може да се види од примерот од митингот во Велес на 14 април, каде Силјановска, поаѓајќи од фактот што химната на квалификацискиот ракометен натпревар меѓу селекцииите на Северна Македонија и Исланд во Скопје била интонирана само инструментално и „без зборови“, логички заклучува, и во тој заклучок ги убедува граѓаните, дека власта ги забранува зборовите од химната.

 

„Знаете што, со таква страст, љубов и посветеност ја чувме химната од Јанева, што се срамам да го кажам она што тукушто по патот го чув, дека, замислете, на денешната утакмица, химната била интонирана без зборови. Е па се прашувам, дали е тогаш слободна Македонија ако е иредентизам да ја пеете химната? Дали е ова слободна земја и дали навистина не треба повторно да се бориме за право и правдини, оти во Уставот ги пишува трите најважни симболи на државата, меѓу кои и химната покрај грбот и знамето? И се прашувам, дали за власта важат законите, оти има закон што се носи со двотретинско мнозинство, исто со какво што се носи и Уставот, за да се каже каква е, какво е значењето и величината на химната? Дали важи овој закон за премиерот и за владата? Се разбира, сите се под Уставот и законите во слободна земја, ама јас се плашам дали оваа земја сè уште е слободна“, рече Силјановска пред граѓаните во Велес.

(Изведбата на химната е на 6:52 во видеото)

Само што, има мал проблем во премисата од која поаѓа Силјановска, а тоа е дека е спорно што химната била изведена „само инструментално“. Имено, химните на речиси сите спортски натпревари се изведуваат само инструментално, и само делумно, во интерес на времето. Таков беше случајот и на конкретниот натпревар меѓу С. Македонија и Исланд, а впрочем така е и пропишано во документите (член 17.5 f од „Регулациии за EHF натпреварувачи што играат за квалификации“) на организаторот – Европската ракометна федерација (EHF), посочува порталот „Вистиномер“.

Прочитајте и:  Комплетиран новиот состав на Комисијата за помилување

Сепак, тоа не ја спречи Силјановска да констатира дека била во право кога тврдела, уште за време на текот на преговорите со Грција, дека химната ќе биде прва на удар.

„Кога јас во текот на преговорите за Преспанскиот договор реков дека прва на удар ќе биде химната, ми одговорија цинично дека не било така и дека во преговорите химната ќе сме си ја задржеле. Бидејќи нели името ќе се однесуваше само на државните јавни институции, ама химната е нашата историска слика. Нашиот историски национален наратив. Не знам кој им дава право да ги тргнат зборовите од химната, оти химната не е само музика. Химната е напишаното, историјата, болните зборови, битката за право и правдини. Но не знаат дека кога забрануваат, ние уште посилно и попосветено ќе го правиме тоа. Сами ќе ја пееме химната, гласно“, порачала Силјановска, игнорирајќи го демантот што Владата го упати до јавноста уште по посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас, во кој портпаролот Миле Бошњаковски потсети дека химната воопшто не е спорна за никого, како и дека воопшто не е опфатена со Преспанскиот договор.

(Обраќањето на Силјановска околу химната е на 21:36 во видеото)

- Реклама -